Украсните трошки се омилените декорации за торти и колачи на нашите деца, а сега може да ги направите дома. Може да изберете вкус по ваша желба и да ги припремите во различни бои.
Состојки:
- 2 чаши (250мл) шеќер во прав
- 1 белка од јајце
- 1/4 лажичка екстракт од ванила, бадем, лимон (по ваша желба)
- 1 лажица топла вода
- малку сол
- прехранбена боја по желба
Подготовка:
- Во голем сад ставете ги шеќерот во прав, екстрактот од ванила и измешајте добро.
- Белката ставете ја во длабок сад и изматете ја со жица за матење, додека се добие пенлива смеса. Потоа во садот со белката додадете шеќерот во прав и измешајте. Доколку смесата е густа, додајте половина лажица топла вода и продолжете со мешањето.
- Ако сакате да ги обоите вашите украсни трошки додадете боја по ваш избор.
- Смесата ставете ја во кујнски шприц со мал отвор. Доколку немате шприц земете најлонска кеса и отсечете мал дел на врвот (врвот да има големина колку врвот на една чепкалка за заби).
- Врз хартија за печење повлечете долги траки со кујнскиот шприц додека не ја потрошите смесата.
- Така подготвените ленти оставете ги да се исушат 24 часа, а потоа со помош на нож исечете ситни парчиња. Припремените украсни трошки чувајте ги во фрижидер.
