Сезоната на најубавите зимници започна. Ајвар, лутеница, домата… се само дел од традиционалните рецепти кои се приготвуваат секоја година. Во нашата земја се прават и различни специјалитети и салати во тегла. Еден рецепт од нив се и малите пиперчиња во тегли полнети со изварка (урда).
Постојат различни начини за подготовка пиперчиња со изварка, а ние го споделуваме овој рецепт. Наведените состојки се доволни за 2 стандардни тегли.
Состојки:
- 750 г мали пиперчиња
- 500 мл вода
- 250 мл алкохолен оцет 9%
- 50 г сол
- 30 г шеќер
- 400 г изварка (урда), наш предлог Шарпланинска од Млекара Тетово
- сол и мелен црн пипер по вкус
- 500 мл сончогледово масло.
Подготовка:
- Пиперките исчистете ги од семките и дршките.
- Во тенџере на оган ставете ги водата, киселината, шеќерот и солта. Штом растворот зовие додајте ги пиперчињата.
- Варете ги 3 до 4 минути, со повремено мешање за да бидат пиперчињата во течноста. Извадете ги и оставете ги да се исушат врз чиста кујнска крпа, така што ќе ги поставите со отворот од долната страна. Потребно е да се изладат околу 2 часа или повеќе.
- Изварката зачинете ја со мелен црн пипер и сол.
- Со помош на мала лажичка наполнете ги пиперчињата. Наредете ги во тегли и додајте сончогледово масло. Готовите пиперчиња во тегли полнети со изварка затворете ги и чувајте ги во фрижидер. На здравје!
Совети плус:
- По желба може да додадете и сечкан магдонос во изварката. Може да ја помешате со сирење или павлака од Млекара Тетово по желба.
- Теглите задолжително чувајте ги во фрижидер. Не користете маслиново масло за овој рецепт бидејќи може да се згусни во фрижидерот.
Може да те интересира: Посна пица Вегетаријана – од кујната на Марија Кочовска.
*Рецептот е поддржан од Млекара Тетово.