И кај возрасните и кај децата, појавата на кашлица покажува дека проодноста на дишните патишта е нарушена. Кашлањето е обид да се исчистат дишните патишта и да се врати непреченото дишење. При вакви ситуации родителите многу често се збунети и не знаат што да преземат за да ја подобрат здравствената состојба на своето дете. Па ако и вие се прашувате: Како да му помогнете на детето, што можете сами да направите, а за што е потребна интервенција на лекар, продолжете со читање. – Одговорите на овие прашања ќе ги најдете подолу во текстот.
Кашлицата е рефлексно дејство предизвикано од стимулација на рецепторите за кашлица кои не се наоѓаат само во епителот на дишните патишта, туку и во срцето, увото, дијафрагмата и желудникот. Најчесто, рефлексот на кашлицата го предизвикува вирусна респираторна инфекција, но не треба да заборавиме дека кашлицата може да биде последица и на воспаление на увото, астма, иритација со некои хемиски или физички материи како чадот од цигарите и слично.

Кашлица како последица од вирусна инфекција
Покрај покачената телесна температура и малаксаност, симптомите кои ја придружуваат вирусната респираторна инфекција вклучуваат затнат нос, течење на носот, главоболка и кашлица. Симптомите се најизразени во првите 2-3 дена од инфекцијата, по што почнуваат да се намалуваат. Меѓутоа, кај децата и откако ќе се смират сите други симптоми, се случува кашлицата да опстојува. Најчесто тоа е сува и иритирачка кашлица која ги попречува секојдневните активности и се интензивира во текот на ноќта.
Зошто сувата кашлица е повеќе изразена во текот на ноќта?
Кашлицата која е особено изразена во текот на ноќта најчесто е „одводна“. Во текот на денот детето е активно и секретот се исфрла или преку нос или детето го голта. Но, во текот на ноќта кога детето мирува, секретот не се исфрла туку тече кон дишникот и предизвикува кашлица. Тоа го нарушува сонот, детето станува нервозно и исцрпено.
Како да помогнете при сува кашлица?
Едноставните процедури што може да ги спроведе секој родител можат значително да ја намалат непријатноста на детето кое страда од кашлица. Се препорачува:
- Редовно чистење и одржување на назалната хигиена со цел да се обезбеди проодност на носните пасуси и да се олесни дишењето, како и да се спречи развој на компликации како што се инфекции на увото.
- Внесување на поголеми количини течност од вообичаеното со цел да се разреди присутниот секрет и да се олесни искашлувањето.
- Одмор, за да му помогне на телото полесно да се бори со вирусот.
- Спиење со крената глава за да се намали дразбата за кашлање.
- Одржување на оптимална влажност на воздухот во просторијата каде што престојува детето.
Неопходна е консултација со лекар ако:
- Детето има висока температура и кашлицата се влошува
- Детето не е заинтересирано за играње, одбива храна, и е поспано
- Тешкотиите со дишењето се појавуваат со „свиркање“ во градите
- Кашлицата е рапава и наликува на лаење на куче, проследено со „стружење“ во градите
- Ако симптомите не исчезнат и по 3-5 дена.
Ви препорачуваме да прочитате: 5 природни сирупи кои помагаат при кашлица.