Започнете го денот со витаминска, пролетна и најубава овошна салата со јагоди и цреши! Пролетта и летото се најубавите годишни времиња кои изобилуваат со различни и сезонски овошки. Затоа искористете го она што ви го нуди природата!
Поборници сме на домашната, традиционална, локална храна и често ве советуваме истата да ја користите во исхраната. Одгледуваме мала количина на јагоди, а нашите комшии ни дадоа непрскани цреши. Така се роди идејата за оваа убава овошна салата, погодна за овој период.

Состојки:
- 1 банана
- 1 киви
- ½ зелено јаболко
- 10-15 цреши
- 10 јагоди
- 1 мала лажичка чиа семе.
Подготовка:
- Бананата излупете ја и пресечете ја на половина по должина. Потоа исечете полукругови со дебелина од околу 2-3 мм.
- Кивито излупете го и исечете го на четвртинки. Од секој дел исечете мали парчиња.
- Јаболкото исечете го на осминки, а потоа на мали парчиња.
- Во чинија ставете ги исечканата банана, кивито и јаболкото. Измешајте и додајте го чиа семето. Повторно измешајте.
- Во чинијата ставете ги црешите и јагодите. По желба додајте свежо цеден сок или компот. Пролетната овошна салата со јагоди и цреши послужете ја веднаш. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Освежителна летна овошна салата со чија семе.