Салеп – зимски напиток за лесно дишење и потенција

Да се пие салеп во зимските ладни денови е одлично! Тој е топол, вкусен и корисен за здравјето на повеќе начини. Салепот е фантастичен напиток со лековито и афродизијачко дејство, кој има способност да ја ублажи болката на надразнетата слузница во грлото и да го запре кашлањето.

Салепот се добива од повеќегодишно растение од родот Orchis, кое има едноставно стебло со неколку издолжени листови. За добивање на беложолтеникавиот прав од кој се подготвува напитокот се користат исушени и сомелени грутки кои се негови подземни органи, а се собираат здравите, сочни и развиени грутки во периодот кога растението цвета или потоа. Тие прво се мијат со ладна вода, а потоа неколку минути се мијат во топла вода за да се спречи хидролиза на салеповата слуз и откако ќе се исушат се претвораат во прав.

Салеп - зимски напиток за лесно дишење и потенција

Во продажба салепот е достапен како бел прав од кој со вода и млеко се прави топол напиток. Станал популарен во средниот век со доаѓањето на Арапите во Европа. Особено е обожаван и традиционално се пие во Турција и во земјите на Блискиот Исток, а во својот состав содржи до 50% слуз – глукоманан, кој е заслужен за убавата густина на напитокот. Глукомананот при хидролиза дава глукоза и маноза во однос 3:1 , а исто така салепот содржи до 25 % скроб, белковини и други материи.

Благодарение на слузта вкусниот салеп има способност да го обложи грлото со тенок заштитен слој кој помага против болка и во запирање на кашлањето. Олеснувањето на дишењето и ослободувањето на дишните патишта е особина по која е посебно познат, а според некои народни верувања се истакнува и неговата способност за подобрување на потенцијата кај машкиот пол и неговите афродизијачки својства кај двата пола. Кога е приготвен како благ разреден раствор може да му се дава на мали деца како помош против пролив.

Подгответе вкусен салеп кој ќе го обожавате вие и вашите најмили

Подготовката на салепот најмногу зависи од составот на правот и производителот. Препорачано е на 200 мл течност (вода или вода со млеко) да ставите 2-3 мали лажички прав и прво да го измешате со малку ладна вода , а потоа со постојано мешање да го варите околу 5 минути со вода или млеко зависно од вашиот вкус. По желба зачинете со цимет и уживајте во студените зимски денови!

Сподели: