Минералите се елементи кои му се неопходни на нашиот организам за негова правилна функција. Некои од нив делуваат како антиоксиданси и го штитат нашиот организам од појава на разни болести. Селенот е еден од овие минерали, па доколку не сте слушнале многу за него и за неговото значење, во понатамошниот текст откријте за што сé му е потребен селенот на нашиот организам.
Селенот е минерал во трагови, т.е. потребен ни е во многу мали количини. Овој минерал се наоѓа во почвата, од каде преминува во растенијата, а во мали количини може да се најде и во водата. Од храната познато е дека во големи количини го има во бразилските ореви. Тој извршува повеќе функции во организмот, а е многу важен за нашето здравје.

Како може селенот да го подобри нашето здравје?
- Селенот е еден исклучително важен елемент, бидејќи го зајакнува нашиот имунитет и нé штити од болести.
- Селенот има антиоксидантна способност, т.е. спречува слободните радикали да ги оштетат нашите клетки.
- Овој минерал има и антивоспалително дејство, а исто така е од клучна важност за одржување на правилен метаболизам.
- Научниците потврдиле дека овој елемент има антивирусно дејство, а исто така го одржува и здравјето на тироидната жлезда.
- Селенот и витаминот Е меѓусебно си го надополнуваат своето дејство и заедно претставуваат моќна одбрана од оксидативниот стрес, како и штитат од рак на простата и рак на дебелото црево.
- Селенот ја подобрува циркулацијата и со тоа ги намалува шансите за појава на срцеви болести. Оваа поврзаност на селенот и здравјето на кардиоваскуларниот систем се потврдува и со доказите дека појавата на кардиоваскуларни болести често е пропратена со ниски нивоа на селен во организмот.
- Може да помогне во намалување на симптомите на астма. Од досегашните истражување се дошло до сознание дека лицата кои боледуваат од астма често имаат ниски серумски нивоа на селен. При нивна терапија со суплементи со селен, се забележало намалување или олеснување на симптомите на астмата.
- Некои студии го поврзуваат селенот со подобра плодност и затоа се смета дека е добар во борбата со неплодноста, а во некои случаи се смета дека може да го намали и ризикот од спонтан абортус.
Автор: Маја Веловска.
Ви препорачуваме да прочитате и 7 здравствени придобивки од внесот на цинк.