Утринска гранола со семки од тиква и овошје

Изобилува со хранливи состојки и витамини, а ќе ви даде и енергија за да го започнете денот! Сега е сезоната кога имаме киви и калинки, па вреди да ги искористиме овие овошки и да си направиме гранола со семки од тиква и овошје.

Подготовката е едноставна, а на вас ви останува само да ги набавите намирниците. Има барем неколку здравствени придобивки кои ќе ве поттикнат да ја направите оваа гранола со семки од тиква и овошје, уште денес:

Семките од тиква се богати со магнезиум, манган, бакар, протеини и цинк. Тие го намалуваат холестеролот и го чуваат здравјето на срцето. Освен тоа го зајакнуваат имунитетот, го подобруваат расположението и го намалуваат стресот. Дознајте ги најважните 3 причини да јадете семки од тиква.

Кивито е многу здраво овошје богато со хранливи состојки. Содржи голема количина на антиоксиданси, флавоноиди и фитонутриенти, а богато е и со растителни влакна.

Калинката е многу моќно и ценето овошје, одлично за срцето и крвните садови, а се верува дека има најсилни антиоксиданси од сите овошја. Отсекогаш била симбол на здравје, плодност и долговечност. Прочитајте зошто се вели дека калинката е спасител на срцето и чувар на косата.

гранола со семки од тиква

Состојки:

  • 1 чаша ниско маслено кисело млеко
  • ½ чаша гранола
  • 2 лажици семки од тиква (може да ги купите во поголемите маркети или продавници за здрава храна)
  • 1-2 лажици мед по желба
  • 1 киви
  • ½ калинка
  • 6 јатки ореви или други јаткасти плодови по желба.

Подготовка:

  1. Во две чаши ставете ја гранолата и семките од тиква. Измешајте добро.
  2. Додајте го медот, а потоа и киселото млеко.
  3. Кивито излупете го и исечете го на кругови. Потоа парчињата пресечете ги на половина.
  4. Калинката исечете ја и извадете ги зрната. Постапката за најлесно чистење на калинката прочитајте ја тука.
  5. Во чашите ставете ги парчињата киви и калинка. На крај додајте ги оревите или други јаткатски плодови по избор. Уживајте во вашиот брз и здрав појадок, на здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Гранола со мед, јаткасти плодови и портокал.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: