Ни наближуваат убави празници! Сите сме во потрага по интересни идеи и рецепти, за убаво да ја дочекаме Новата година. А на блогот на нашата пријателка Лана, пронајдовме интересен рецепт за чоколаден ролат со рум во форма на божиќна гранка.
За да го направите овој ролат потребни ви се неколку состојки, а подготовката е едноставна. Би рекле дека секој со мало искуство во подготовката на ролати може да го направи.

Состојки:
- 4 јајца
- 100 г шеќер
- 100 г брашно.
За фил:
- 250 г путер
- 150 г шеќер
- 100 г чоколадо за готвење
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 2 јајца
- рум.
Подготовка:
- Белките ставете ги во сад за матење. Изматете ги со миксер додека добиете цврст шлаг. Во садот со изматените белки додајте ги шеќерот и жолчките и продолжете со матење додека добиете густ шлаг.
- На крај, во садот додајте го брашното и измешајте со лажица. Тестото ставете го во правоаголна тава обложена со хартија за печење. Доколку немате хартија за печење, тавата намрсете ја и поросете ја со брашно.
- Пандишпанот печете го во загреана рерна на 220 степени за време од 10 до 12 минути. Печениот пандишпан оставете го кратко да се излади.
- Потоа, извадете го од тавата, превртете го и отстранете ја хартијата за печење. Пандишпанот, повторно ставете го врз хартијата и завиткајте го во форма на ролат.
- Путерот изматете го пенесто. Во сад на пареа ставете ги шеќерот, чоколадото, ванилиниот шеќер и јајцата. Матете ги со миксер додека смесата се згусти, а јајцата се пастеризираат. Потоа садот ставете го ладна вода, за да се излади филот.
- Во изладениот фил додајте ги изматениот путер и румот. Измешајте ги за да се добие хомогена смеса.
- Пандишпанот премачкајте го со повеќе од половина од филот и свиткајте го како ролат. Ролатот го пресекуваме на два дела, така да добиеме форма на гранка. Го премачкуваме со преостанатиот фил и со помош на виљушка (која претходно сме ја чувале во врела вода) правиме декорација која ќе асоцира на кора од дрво.
Ви предлагаме да прочитате: Нугат ролат со кикирики и чоколадо.