Лактоза или млечен шеќер е единствениот јаглен хидрат кој се наоѓа во млекото и е извор на третина од неговата енергетска вредност. Млекото ја содржи во најголема количина, а во ферментираните производи (јогурт и кисело млеко) лактозата ферментира и се претвора во друг облик. Најмалку ја има во полутврдите и тврди сирења, благодарение на бактериите во нивниот состав на кои им е потребен подолг период за ферментација.
Интолеранција е последица од неможност за разградба на лактозата (млечниот шеќер) поради недостаток на ензимот лактаза. Исто така, интолеранцијата на лактоза може да се случи при инфекција на цревата, воспалителни процеси и улцеративни промени (чиреви) или Кронова болест. Во вакви случаи, вообичаено е по излекувањето или повлекувањето на воспалителните процеси да дојде до повлекување на симптомите на интолеранција. Кај луѓето кои боледуваат од целијакија, во поголем процент е забележана интолеранција на лактоза, а вродена интолеранција на лактоза е ретко пореметување.
Доколку се земе во предвид возраста, интолеранцијата е почеста кај постарите луѓе кои имаат намалена способност за создавање на ензимот лактаза. Доенчињата создаваат доволна количина на лактаза, која е потребна за разградба на нивната единствена храна, млекото. Интересно е што, 100% од Азиските народи не поднесуваат лактоза, додека во средна Европа тој процент изнесува само 15.

Симптоми
Во случај кога е невозможно да се разгради лактозата до галатоза и глукоза, неразградената лактоза доаѓа во дебелото црево каде предизвикува појава на гасови, а освен тоа нејзиното присуство во дебелото црево доведува до насобирање на вода. Како последица се јавуваат надуеност, грчеви, мачнина и пролив и тоа симптомите се манифестираат по околу 2 часа откако е земен оброкот.
Дијагностицирање
Тестот на интолеранција на лактоза се изведува така што се пие претходно припремена течност со лактоза (25 мл лактоза во 25 мл вода), непосредно по земање на еден примерок на крв (најчесто од прстот). Последниот оброк треба да биде 8 часа пред тестирањето. По земањето на „нултиот“ примерок на крв, се зема крв на секој половина час и тоа доаѓа вкупно 5 примероци на крв.
Кај личностите кои се интолерантни на лактоза не доаѓа до пораст на гликозата во крвта, што значи дека тестот е позитивен, односно испитаникот е интолерантен на лактоза. За оние кои се интолерантни на лактоза тестот е неугоден, бидејќи по неколку часа од тестот се појавуваат погоре споменатите симптоми и нелагодност.
Превенција и терапија
Треба да знаете дека луѓето кои страдаат од интолеранција на лактоза можат да поднесат до 6 гр лактоза, што би значело околу половина чаша млеко. Според тоа се препорачува консумирањето на млечните прозводи да биде распоредено повеќе пати по помалку во текот на денот. Комбинирање на млекото со друга храна овозможува намалување на симптомите и можно е одредено „разредување“ на лактозата во цревата.
Дозволена е употреба на сирења од типот пармезан, горгонзола и провалоне, кои од самото ферментирање се „ослободени“ од лактозата.
За потешките случаи на интолеранција се препорачува елиминациска диетотерапија, односно исклучување на млекото и млечните производи од исхраната и консумирање на производи без лактоза или пак во совет со лекар се применува суплементација на ензимот лактаза во форма на таблети или капсули, непосредно пред консумирањето на млечниот оброк.
Добро е да се напомене дека лактозата често се среќава во бројни индустриски производи, додатоци во исхраната и лекови, затоа по потреба советувајте се со вашиот лекар и внимателно читајте ги декларациите!