Баклава со шербет што не се вари 1

Баклава со шербет што не се вари

„Многу е вкусна за јадење, лесна, не е многу блага. Во еден разговор разбрав за ваков вид на баклава, но искрено бев скептик, каква би била баклавата со таков шербет. Меѓутоа кога неодамна ја пробав на гости, бев пријатно изненадена. Топло ви ја препорачувам. А, тебе тетка Данче многу ти благодарам за рецептот.“ – започнува Дијана опишувајќи го рецептот. Ние и благодариме неа што го испробала и ве охрабруваме и вие да си направите баклава со шербет кој не се вари!

Секој сака да биде полесно, а исто вкусно, па еве ви таква можност. Уживајте!

Баклава со шербет што не се вари 2

Состојки:

За баклава:

  • 1 кг тенки кори за баклава
  • 600-800 г крупно мелени лешници и ореви
  • 250 г маргарин или путер
  • 200 мл масло.

За шербет:

  • 1,3 кг шеќер
  • 900 мл вода.

Подготовка:

  1. Најпрво во сад се ставаат шеќерот со водата за да се растворат. Убаво се меша. Цело време додека се подготвува баклавата и додека се печи, одвреме навреме шербетот се промешува. Пред да ја потурите баклавата со него, шеќерот треба да е целосно растопен.
  2. Во голем намрсен плех 32 на 39 цм се започнува со редење на корите.
  3. Најпрво се ставаат 5 кори една врз друга. Па се става од мешавината на ореви и лешници. Потоа 2 кори, па фил.Така додека се потрошат сите кори и мелените ореви и лешници. Најгоре се завршува со 5 кори.
  4. Се сечи баклавата по желба. Може прво на квадрати, па на триаголници.
  5. Маргаринот се растопува заедно со маслото, па готовата баклава се полева со лажица, постепено и рамномерно.
  6. Се става да се печи во загреана рерна. Прво на 180 степени, додека порумени, а потоа се намалува на 150 и вкупно време на печење е 1 час. После тоа време баклавата се вади од рерната и печењето е завршено, а рерната треба да ја исклучите и да ја оставите затворена.
  7. Со помош на кутлача, жешката баклава се полева со шербетот малку по малку, па се враќа повторно во исклучената рерна уште 10 минути.
  8. После тоа, баклавата се остава убаво да се излади и е спремна за служење. На здравје!

Совети плус: Во врска со шербетот, целосно се растопува шеќерот, па се полева. Веднаш се впива целата количина течност. Може да се каже дека баклавата е цела натопена, но не како другите баклави да има многу шербет во тавата.

Рецептот го испратила: Дијана Талевски.

Ви препорачуваме да прочитате: Баклава со лешници.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: