Балкавата е ориентален десерт, кој е многу популарен во македонската, турската, српската, бугарската, босанската и црногорската кујна. Таа е многу сладок десерт, а основни состојки за подготовка на баклава се тенки кори, фил и шербет.
Филот за баклава најчесто се прави од мелени ореви, бадеми, ф’стаци лешници или суво грозје. Како зачини се користат рендана кора од лимон, цимет или ванилин шеќер. А ако и вие сте љубител на баклава ви предлагаме да го пробате рецептот за баклава со лешници кој ни го испрати Даниела.

Состојки:
- 1 кг кори за баклава
- 400 гр печени лешници
- 400 гр шеќер
- 8 лажици мелен двопек или лебни трошки.
За шербет:
- 1 кг шеќер
- 500 мл вода
- сок од половина лимон
- 2 ќесички ванилин шеќер.
За прелив:
- 250 гр путер или маргарин
- масло по потреба.
Подготовка:
- Најпрво се започнува со подготовка на шербетот. Во тенџере на оган ставете го шеќерот, водата, сокот од лимон и ванилиниот шеќер. Мешајте додека шербетот зоврие, а потоа тенџерето тргнете го од оган и оставете да се излади.
- Лешниците измелете ги и ставете ги во длабок сад. Во садот со лешници додајте ги шеќерот и мелениот двопек.
- Во тава за печење број 40, ставете три кори и попрскајте ги со масло. Потоа, секоја наредна кора премачкајте ја со масло со помош на готварска четка.
- Врз секоја втора кора ставете по 3 до 4 лажици од припремениот фил. Постапката повторете ја со сите кори.
- Путерот ставете го во сад на оган и се растопете го. Со растопениот путер прелејте ја баклавата.
- Потоа, баклавата се сече на парчиња во саканата форма.
- Во загреена рерна на температура од 250 степени ја печеме баклавата 5 минути, а потоа температурата ја намалуваме на 200 степени и печеме 40 минути, додека не се добие убава крцкава кора.
- Откако баклавата ќе се испечи ја потураме со изладениот шербет. Вака припремената баклава со лешници оставете ја да се излади за време од неколку часа, а најдобро е преку ноќ.
Рецептот го испратил: Даниела Џогова