главоболки во бременост 1

Главоболки во бременост – како да си помогнете?

Бремени сте, а ве боли главата? – Без разлика дали станува збор за мигрена или тензиска болка, решенијата се слични. Еве како да си помогнете при главоболки во бременост, без да се доведите во опасност вие и вашето бебе. Целиот организам ќе ви биде благодарен!

Иако не се знае точно зошто во бременоста главоболките се почести, научниците сметаат дека тоа се должи на хормоналните промени и поголемата циркулација на крв во организмот. Освен тоа, како причинителни се сметаат и дехидратацијата, недоволниот сон, уморот, стресот и недоволната исхрана.

главоболки во бременост 2

Користете облоги

Тензиската главоболка ублажете ја со топла или ладна облога на челото или задниот дел од вратот. Тие ќе ја опуштат болката и ќе ве релаксираат. Ладните облоги се препорачуваат и кога е во прашање мигрена.

Истуширајте се

Кај бремените жени кои страдаат од мигрена, ладниот туш може брзо и краткотрајно да ги намали болките. За време на туширањето, испрскајте го лицето со вода. За тензиските главоболки помага топлата вода.

Редовно хранете се и хидрирајте се

Ниското ниво на шеќер во крвта е чест предизвикувач на главоболки. За да ги спречите болките поради хипогликемија, јадете редовни, чести и помали оброци. На трудниците им се препорачува да имаат 5-6 мали оброци во текот на денот и да консумираат барем по 2 порции овошје и зеленчук. Исто така, не заборавајте да пиете доволно вода и да останете хидрирани. Препораките се 2 литри дневно, а во лето и повеќе.

Не се уморувајте

Обидете се што повеќе да одмарате во текот на денот и дозволете си барем една денска дремка. Ако имате главоболки, спијте во темна и тивка соба.

Вежбајте

Можеби ви звучи чудно, но редовното вежбање го намалува ризикот од зачестени мигрени смалувајќи го стресот кој предизвикува напнатост. Консултирајте се со лекар, фитнес инструктор или друго стручно лице кои ќе ви кажат какви вежби смеете да правите. Пешачете секојдневно 1 час, така ќе бидете активни, ќе дишете чист воздух и ќе бидете изложени на сонце кое е потребно за витамин Д.

Практикувајте техники за релаксирање и опуштање

Медитација и јога се најдобрите методи за релаксирање за време на бременост. Секако, тука е и масажата која ги опушта мускулите и целото тело.

Консултирајте се со лекар

Главоболките се најчесто безопасна појава во бременоста и генерално исчезнуваат после третиот месец. Сепак и при најмала главоболка и општо, пред да преземете било каква акција, особено ако сметате дека би била ризична за вас и за плодот, задолжително советувајте се со вашиот гинеколог.

Ви препорачуваме да прочитате: 5 начини за ублажување на утрински мачнини во бременост.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: