Зелени оревчиња во мед 1

Зелени оревчиња во мед – еликсир корисен за здравјето

На Instagram профилот на @katerina.shambevska, ни привлече внимание нејзиното мало сезонско истражување на темата зелени оревчиња. Катерина го споделува овој текст и рецепт и вели: „Даровите од природата и нивното користење за помагање на здравјето од секогаш ми беа предизвик и инспирација за истражување. Ореовката (рецептот може да го прочитате тука и на подолниот линк), ја подготвувам повеќе години, а сега ми привлече внимание една поедноставна верзија на сличните состојки – зелени оревчиња во мед.“

Ви препорачуваме да прочитате и: Ореовка со мед – ликер од млади оревчиња.

зелени оревчиња во мед

Зошто се одлучив да ја пробам оваа комбинација?

„Традиционално, оревите се познати по нивниот липиден профил, односно богатството со омега 3 масни киселини, кои се одлични против кардиоваскуларни ризици. Освен тоа, оревите содржат повеќе биоактивни компоненти, како витамин Е и полифеноли, на кои се должи нивната антиоксидантна активност. Имено, се смета дека со зреењето на оревите, количината на овие материи во нивниот состав се намалува во извесна мера, а кога се млади и зелени, тоа е една од главните одлики кои мотивираат да ги наберете и да подготвите нешто вкусно и корисно за здравјето. Имајте предвид дека сезоната е кратка и најубаво е да ги наберете Во текот на мај или раниот почеток на јуни.

Полифенолите во зелените оревчиња може да помогнат во намалување на воспаленијата во организмот, кои се одговорни за хроничните заболувања. Плус од деликатниот вкус, младите и зелени оревчиња содржат изобилство од танини, антибактериски и антибиотски супстанции, како и висока количина на витамин Ц.“ – објаснува Катерина.

Состојки:

  • 10 зелени оревчиња
  • 250 мл мед.

Дополнително:

  • стаклена тегла
  • нож
  • заштитни ракавици.

Постапка:

  1. Зелените оревчиња убаво измијте ги, а потоа ставете ги во стаклената тегла.
  2. Убаво затворете ја теглата и поставете ја на светло место, но не изложено на директна сончева светлина.
  3. Вака припремениот и спакован микс од ореви и мед оставете го да стои 2 месеци на местото кое сте го избрале – под сенка.
  4. Еднаш неделно , отворете го капакот и промешајте. Тоа е со цел да влезе воздух кој ја поддржува ферментацијата.

Начин на чување и употреба – имате 2 опции:

  1. Да ја процедите смесата и да ја користите течноста како сируп – по 1 лажица дневно, или
  2. Да ја оставите смесата како што е целосно и да ја консумирате заедно со се оревчињата – 1 оревче на ден или 1 лажица од сирупот дневно.

Совети плус:

  1. Имајте предвид дека зелените оревчиња оставаат темни дамки и ќе ги избојат сите површини со кои ќе дојдат во контакт, на пример даската за сечење или ракавиците. Заштитете ја опремата и рацете доколку не сакате да ви се набојат.
  2. Секогаш користете природен мед во течна форма.

Препорака плус од авторот:

Чест ми е кога ве инспирирам, па ако пробате пратете ми ваши слики или тагирајте ме. 😊 Ако ве интересираат повеќе вакви рецепти, заследете ме на:

Автор на рецепт: Катерина Шамбевска Спасеновска@katerina.shambevska.

Ви препорачуваме да прочитате: Чиа пудинг со спирулина и авокадо.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: