Како да засадите и одгледувате краставици во буре?

Одгледувањето  зеленчук на овој начин е вистинско задоволство, а нема потреба ни да се наведнете за да ги соберите плодовите. Па, во продолжение погледнете како да засадите и одгледувате краставици во буре и ова лето уживајте во овои прекрасни и сочни плодови кои сами сте ги одгледале.

Ако и вие сте дел од сопствениците на мали дворови, кои често се соочуваат со дилема како на толку мала површина да посадат различно овошје и зеленчук, а притоа да добијат и добар принос, еве помош. За среќа, постојат различни трикови кои ќе ви овозможат да одгледувате зеленчук на мал простор. Така, во едно буре може да одгледате исто толку краставици колку и на површина со должина од 3 метри и тоа со многу помали обврски. На овој начин тие се и заштитени од различни болести.

Како да одгледувате краставици во буре?

Постапката за засадување и одгледување на краставици во буре е многу лесна и истата е прикажана и на следново видео. На вас останува само да ги следите инструкциите и да си прозведите вкусни, домашни и органски краставици на кои ќе им се радува целото семејство.

Потребни материјали:

  • 1 или повеќе стари буриња во зависност од тоа колку краставици сакате да засадите
  • органски отпад (лисја, трева, слама, кора од банана или некое друго овошје и зеленчук, гранки и сл.)
  • арско ѓубре
  • земја
  • семки или садници за краставици
  • црн најлон или пластични шишиња

Начин на работа:

  1. На посветло и сончево место во вашиот двор поставете едно или повеќе буриња.
  2. На дното од бурето ставете го органскиот отпад.
  3. Потоа ставете слој арско ѓубре и дополнете го бурето со земја во дебелина од 10-15 см.
  4. Вака наполнетото буре полијте го со вода и веднаш засадете го со семките или садници за краставици. Доколку садите семки, за едно буре ќе ви бидат потребни околу 9-10 семки. Се сеат на растојание од 12-15 см.
  5. За да им биде топло, покријте ги со црн најлон, бидејќи црната боја ја привлекува сончевата топлина. Исто така, може да користите и пластични шишиња за таа намена. За да им обезбедите на садниците поволна микроклима, во средината на бурето може да ставите сад со вода кој ќе го дополнувате по потреба. Во средината на јуни, кога времето е доволно топло, од садниците може да ги отстраните најлонот или шишињата.
  6. Краставиците ќе растат околу бурето, па за да не ги скине ветрот, може да ги врзите за бурето со тенок коноп.
  7. Садниците треба да се полеваат со 5-7 литри вода на 3-4 дена, а доколку времето е врнежливо и поретко.
  8. Од едно буре треба да добиете исти приноси како што би добиле доколку тие се засадени на 3 реда во земја.

Ви препорачуваме да прочитате: 8 зеленчуци кои може да ги одгледувате во саксија.

Сподели: