замрзнување на брокула

Како правилно да замрзнете брокула

Брокулата е неверојатен зеленчук кој изобилува со корисни материи во својот состав и е храна која е подогна и треба секојдневно да се внесува. Независно од нејзината сорта (дали има кратки или долги дршки), брокулата изобилува со витамин Ц, има антиканцерогени својства и растителни влакна, па затоа е добро да се замрзне и да се овозможи нејзина достапност во подолг период од годината.

Во оваа сезона кога цената на брокулата е ниска, набавете си поголема количина и замрзнете ја. Со замрзнување на зеленчукот се зачувуваат витамините, се скратува времето за готвење, се намалува времето за нивно варење, а на производот му се продолжува рокот на траење. Правилниот начин за замрзнување на брокула ќе ви овозможи зачувување на хранливите состојки.

замрзнување на брокула

Техника за правилно замрзнување на брокула

За да може правилно да ја замрзнете брокулата и да ги зачувате хранливи својства, следете ги следните чекори:

  1. Брокулата исечкајте ја на парчиња и ставете ја во длабок сад со вода. На овој начин, доколку во внатрешноста на брокулата имало инсекти, тие ќе излезат од неа.
  2. Потоа отстранете ги малите зелени ливчиња, а долгите дршки на брокулата скратете ги.
  3. Во тенџере на оган ставете вода да зоврие. Во врелата вода, додајте ја брокулата и варете ја за време од 3 минути. Оваа постапка ќе ги спречи ензимите да ја расипат храната, а во случај кога планирате да ја изедете за пократок временски период, бланширањето може да се прескокне.
  4. Потоа, брокулата која ја задржува својата убава зелена боја, се вади од садот со врела вода со помош на голема лажица за цедење и се става во сад со вода и коцки мраз, за побрзо да се излади. Брокулата се остава 3 минути во ладната вода.
  5. Потоа, парчињата брокула се вадат од ладната вода, се цедат и се распределуваат врз чиста кујнска крпа. Се оставаат неколку минути, а потоа се ставаат во херметички ќеси или сад за замрзнување. Притоа, се внимава добро да се истисне воздухот од ќесата и убаво затворена брокула се става во замрзнувачот.

Сподели: