купка и чај од пчелинок

Купка и чај од пчелинок за добар сон

Колку пати ви се случило да почувствувате голема напнатост и мачнина, поради секојдневниот стрес на кој сте изложени? Како пати не сте можеле да заспиете и ве мачела несоница? Доколку и вие се соочувате со овој проблем, не сте сами. Мал е бројот на луѓе кои барем еднаш во животот не се соочиле со овој непријатен проблем. За добар сон ви претставуваме рецепти за купка и чај од пчелинок. На вас останува дали ќе се релаксирате со чаша чај или топла купка.

Пчелинокот е познат и како пчелник, маточина и митична. Без разлика како и да се нарекува во вашиот крај, неговите придобивки се големи. Доколку сакате да го смирите телото, да ги намалите негативните влијанија предизвикани од стресот, да ги опуштите мускулите и да го подобрите сонот, секогаш избирајте ги чаевите пред кафето. Тие ќе ве релаксираат и смират, па со сигурност ќе спиете како бебе.

купка и чај од пчелинок

Како да направите чај од пчелинок?

Пчелинокот (Melissa officinalis) е позната билка која се користи во кулинарството како зачин, но и во народната медицина како природен лек. Уште во среден век се употребувал како природна помош против несоница, анксиозност, болки и тегоби со дигестивниот систем. Ова растение кое со својот вкус и мирис потсетува на лимон, содржи еугенол, природна супстанција која делува смирувачки, т.е ги ублажува болките како забоболка. Чајот може да го направите од свежи или сушени листови пчелинок. Најдобро е пчелинокот да си го одгледувате сами, па да го употребувате свеж или да го исушите. Така секогаш ќе имате чај дома за кој ќе бидете сигурни дека е природен и органски.

Состојки:

  • 2 лажички свеж или 1 лажичка сушен пчелинок
  • 1 чаша вода.

Подготовка:

  1. Во голема чаша за чај ставете ги листовите од пчелинок и прелијте го со врела вода.
  2. Оставете го чајот да отстои 5-10 минути, па процедете го.
  3. Вака приготвениот чај од пчелинок пијте го постепено, додека е топол.

Напомена: Во овој чај може да додадете и малку чај од камилица. Камилицата е исто така позната по своите седативни и смирувачки својства, а нејзиниот благ вкус и мирис го опуштаат секој мускул на телото. Покрај камилица, може да додадете лаванда, која исто така поседува смирувачки својства и прекрасни арома и вкус.

Како да направите купка од пчелинок?

Оние кои не се големи обожаватели на чај, може да си направат купка со смирувачки ефект. Оваа купка особено се препорачува за опуштање во вечерните часови пред спиење.

Состојки:

  • 10 лажички сушен пчелинок
  • 1 л врела вода.

Подготовка:

  1. Сушениот пчелинок прелијте го со 1 л врела вода и оставете го да отстои околу 10 минути, па процедете го.
  2. Вака подготвениот чај додајте го во кадата за капење.
  3. Уживајте во оваа природна купка околу половина час.
  4. Со оваа купка ќе се опуштите и релаксирате, па ќе имате цврст и пријатен сон.

Ви препорачуваме да прочитате: Маточина за лесен сон и подобро варење на храната.

Сподели: