5 природни сирупи кои помагаат при кашлица

Опаѓањето на температурите го означува почетокот на периодот на болки во грлото, настинките и распространувањето на грипот. Повеќето луѓе во текот на есенските и зимските месеци се соочуваат со раздразнетост, гребење на грлото или болка при голтање и зборување.

Па затоа е добро, секогаш при рака да имате природен сируп од мед, кој може да го користите при болки во грлото и кашлица. Изберете еден од петте различни вкусови и направете си природен сируп. Природниот сируп од мед се препорачува да се консумира по една до две лажици на ден, во топла вода или чај.

Основата на овој природен сируп е медот, кој има докажани антимикробни, антибактериски и антиоксидантни својства. Притоа се додаваат цитрусни овошја, кои се богати со витамин Ц и го зајакнуваат имунитетот при настинки. Зачините како ѓумбир, цимет дополнително го збогатуваат вкусот и ја зголемуваат лековитоста на природниот сируп. Направете една од понудените комбинации, а може да бидете креативни и да направите комбинација од мед, вашето омилено цитрусно овошје и зачин по желба.

Природен сируп од мед, ѓумбир и лимон

Лимонот исечкајте го на полукругови. Ѓумбирот изрендајте го на ситната страна на рендето. Доколку немате свеж, може да користите ѓумбир во прав. Во чиста тегла ставете неколку парчиња сечкан лимон и додајте една лажичка ѓумбир. Во теглата, до половина додајте мед и убаво измешајте ги сите состојки. Потоа, повторно ставете парчиња лимон, една лажичка ѓумбир и дополнете со мед. Состојките измешајте ги, теглата затворете ја и ставете ја во фрижидер.

природен сируп со мед

Природен сируп од мед, мандарина и кардамон

Мандарината измијте ја и исечкајте ја на полукругови. Во чиста тегла ставете неколку парчиња сечкана мандарина и додајте неколку зрнца кардамон. Во теглата, до половина додајте мед и убаво измешајте ги сите состојки. Потоа, повторно ставете парчиња мандарина, кардамон и дополнете со мед. Состојките измешајте ги, теглата затворете ја и ставете ја во фрижидер.

Природен сируп од мед, портокал и каранфилче

Портокалот измијте го и исечкајте го на кругови. Круговите исечкајте ги на четвртинки или помали парчиња. Во чиста тегла ставете неколку парчиња портокал и додајте неколку зрнца каранфиче. Во теглата, до половина додајте мед и убаво измешајте ги сите состојки. Потоа, повторно ставете парчиња портокал, каранфилче и дополнете со мед. Состојките измешајте ги, теглата затворете ја и ставете ја во фрижидер.

Природен сируп од мед, лимон и рузамарин

Лимонот исечкајте го на полукругови. Во чиста тегла ставете неколку парчиња сечкан лимон и додајте неколку мали гранчиња рузмарин. Во теглата, до половина додајте мед и убаво измешајте ги сите состојки. Потоа, повторно ставете парчиња лимон, мали гранчиња рузмарин и дополнете со мед. Состојките измешајте ги, теглата затворете ја и ставете ја во фрижидер.

Природен сируп од мед, зелен лимон и нане

Зелениот лимон исечкајте го на полукругови. Во чиста тегла ставете парчиња сечкан зелен лимон и додајте неколку свежи листови. Во теглата, до половина додајте мед и убаво измешајте ги сите состојки. Потоа, повторно ставете парчиња зелен лимон, листови нане и дополнете со мед. Состојките измешајте ги, теглата затворете ја и ставете ја во фрижидер.

Сподели: