6 техники да изберете зрела и сочна лубеница

6 техники да изберете зрела и сочна лубеница

Сигурно кога ќе застанете на пазар пред камион полн со лубеници или се наоѓате во маркет, каде освен целосни можете да купите и пресечени лубеници, се прашувате како да изберете најубава, зрела и сочна лубеница.

Ние пријатели се погриживме да дознаеме и ви откриваме како најуспешно да изберете сочна лубеница која ќе ве освежи во летните денови, а откако ќе го направите својот избор ви предлагаме и уникатен начин за сечење на лубеница кој ќе ви овозможи слатко уживање без многу растурање во домот или каде и да ја јадете.

6 техники да изберете зрела и сочна лубеница

Како да изберете убаво зрела и сочна лубеница?

1. Погледнете ја формата на лубеницата

Барајте цврста, симетрична лубеница на која не се забележуваат испакнатини, вдлабнатини, ниту е омекната на одредени места, или народно познато под терминот „набиена“. Ако лубеницата има било какви нерамнини на надворешната површина или неправилни закривувања, тоа може да значи дека количината на сонце и вода за време на растот на лубеницата не биле соодветни, што предизвикува сувост или друга промена на конзистенцијата.

2.  Подигнете ја лубеницата

Лубеницата треба да биде доволно тешка за својата големина, што посочува дека е свежа, полна со вода и убаво зрела. Пробајте да ја споредите лубеницата која сте ја избрале со некоја  друга лубеница со слична големина, така полесно ќе знаете дека потешката е онаа која е позрела и посочна. Овој совет може да го применувате за повеќе овошја и зеленчуци.

3. Пронајдете го и погледнете го лежиштето на лубеницата додека растела

На долната страна на лубеницата треба да има кремасто жолта голема точка, која е позната како лежишна точка од полето. Тоа е местото каде лубеницата стоела во полето и зреела под дејство на сонцето, а колку е таа потемна толку лубеницата ќе биде подобра. Ако оваа точка е бела или скоро не постои, тоа значи дека лубеницата е собрана прерано и нема да биде зрела.

4. Испитајте ја бојата на лубеницата

Совршено зрелата лубеница треба да има темно зелена боја на кората, со мат нијанса, која е подобра отколку сјајната. Сјајната зелена боја на кората на лубеницата обично кажува дека е недозреана.

5. Применете ја техниката со тропање на лубеницата

Оваа техника е една од потешките за совладување, но многу љубители на лубеница ја користат. Свиткајте го показалецот со помош на палецот и отпуштете го за да тропнете врз лубеницата. Звукот треба да биде тенок и нежен, а не длабок и тап, бидејќи тоа значи дека лубеницата не е доволно зрела.

6. Погледнете ја дршката на лубеницата

Дршката на сочната и убаво зрела лубеница треба да зелена и да покажува дека лубеницата е неодамна скината од коренот. Сувата трага покажува дека таа лубеница веќе стоела неколку дена на пазар или во маркет и можеби е веќе презреана.

Како да изберете најубава пресечена лубеница?

Доколку сакате да купите пресечена лубеница, а не сте сигурни како да ја изберите најдобрата, еве што треба да направите. Изберете парче кое има светло црвена внатрешност со темно кафеави или црно обоени семки. Избегнувајте парчиња кои изобилуваат со бели семки и на кои внатрешноста им се дели од семките.

Сподели: