Кога ни треба брз и вкусен ручек за целото семејство, потпечените тестенини се секогаш одличен избор. Се подготвуваат со неколку едноставни состојки, а комбинацијата од сочно мелено месо, ароматичен доматен сос, тестенини и растопен кашкавал создава совршен домашен оброк.
Овој рецепт е особено практичен за деновите кога немаме многу време. Тестенините се варат додека се подготвува сосот, потоа сè се меша, се додава кашкавалот и кратко се запекува во рерна.

Состојки:
- 300 г dmBio тестенини пене од крупник
- 2–2,5 литри вода
- сол по вкус
- 300 г мелено месо
- 1 лажичка кромид во прав
- 1 лажичка црвена пипер
- ½ лажичка оригано
- ½ лажичка мелен црн пипер
- 1 dmBio конзерва сечкани домати (400 г)
- 150 г рендан кашкавал или моцарела.

Подготовка:
- Сварете ги тестенините. Во поголемо тенџере ставете вода и посолете. Кога водата ќе зоврие, додајте ги тестенините и сварете ги al dente, според упатството на пакувањето. Исцедете ги и оставете ги настрана.
- Подгответе го сосот со мелено месо. Во загреана тава ставете го меленото месо и пржете го 5–7 минути, додека да ја промени бојата и да се раздроби. Додајте ги кромидот во прав, црвената пипер, ориганото, сол и црниот пипер. Промешајте, па додајте ги сечканите домати од конзерва. Оставете го сосот да крчка на умерен оган уште 10 минути, за да се соединат вкусовите.
- Соединете ги тестенините и сосот. Сварените тестенини префрлете ги во огноотпорен сад. Додајте го сосот со мелено месо и добро измешајте.
- Додајте го кашкавалот. Одозгора рамномерно распоредете го ренданиот кашкавал или моцарела.
- Запечете. Ставете го садот во претходно загреана рерна на 220°C и печете околу 10 минути, односно додека кашкавалот не се растопи и не добие убава златна боја. Декорирајте со свеж босилек и послужете ги потпечените тестенини со мелено месо додека се топли. На здравје!
Погледнете ја подготовката на видеото овде: 👇 (кликнете на сликата)

Совети плус:
- Овој рецепт лесно може да го прилагодите според вашите потреби.
- За безглутенска варијанта, користете dmBio оризови тестенини наместо пене од крупник.
- Доколку сакате полесна верзија, можете да го изоставите кашкавалот. Сварените тестенини едноставно измешајте ги со сосот од мелено месо и домат и послужете ги веднаш, без запекување.
Брзо, едноставно и вкусно – токму она што ни треба за еден домашен ручек.
За уште повеќе идеи, сезонски рецепти и кулинарска инспирација, можете да ме следите и на моите профили на социјалните мрежи:
- Instagram – @kocovska.marija
- Facebook – Marija Kocovska
- YouTube – Marija Kocovska
- TikTok – @marija.kochovska
Може да те интересира: Паста Арабијата со пилешко – од кујната на Марија Кочовска.
Рецептот е подготвен во соработка со dm Makedonija.
