Квалитетните производи се секогаш наша инспирација за подготовка на највкусните десерти и јадења. А овој пат, одлучивме да приготвиме екстра вкусна и декоративна торта со бисквити.
Можеби нема да ви се верува, но оваа торта не се пече, а за да ја направите ќе ви бидат потребни околу 40-тина минути. Ние го изненадивме семејството и пријателите со еден од највкусните десерти. Сликата кажува сѐ! Баш погодена!

Состојки:
- 400 грама бисквити
- 400 грама чоколадни бисквити
- 1 литар млеко
- 4 ќесички прашок за пудинг од чоколадо
- 6 лажици шеќер
- 200 грама чоколадо за готвење.
За декорација:
- 2 ќесички прашок шлаг крем од ванила
- 250 мл млеко
- 50 грама рендано чоколадо.
Подготовка:
- Во тенџере на оган, на умерена температура ставете 800 мл млеко да се вари.
- Прашокот за пудинг ставете го во длабок сад и додајте го шеќерот. Измешајте ги со лажица. Во садот со постепено додавајте го преостанатото млеко и мешајте за да се добие хомогена смеса.
- Штом млекото зоврие, додајте ја смесата со пудинзите. Мешајте за време од 3 до 4 минути, додека пудингот се згусти. Потоа, тргнете го тенџерето и оставете го кратко да се излади за време од 10 минути.
- Во тенџерето додајте го чоколадото и измешајте за да се растопи. Оставете го пудингот да се лади уште 10 минути.
- Земете кружен калап за торта и обложете го со најлонска фолија од сите страни (фолијата треба да излегува од краевите). На дното ставете малку од пудингот.
- Потоа земете една бисквита со вкус на ванила и премачкајте ја со пудингот. Бисквитата ставете ја вертикално, врз страничниот дел на калапот со филот свртена кон внатрешноста. Постапката повторете ја со неколку бисквити, додека се формира круг.
- Потоа, земете чоколадна бисквита. И неа премачкајте ја со пудинг. Ставете ја до првиот ред од бисквити, со филот насочена кон внатрешноста. Постапката повторете со сите чоколадни бисквити, додека се формира втор круг. Потоа, продолжете со бисквитите од ванила. Земете една бисквита, премачкајте ја со пудинг и поставете ја до чоколадните бисквити. Постапката повторете ја наизменично, така што ќе редите еден ред бисквити од ванила, еден ред чоколадни бисквити додека се пополни целиот калап.
- Калапот со тортата од бисквити ставете го во замрзнувач за време од неколку часа, а најдобро е преку ноќ. Потоа, отворете го калапот и тортата поставете ја во голема чинија.
- Прашокот за шлаг кремот ставете го во сад за матење. Додајте го млекото и матете со миксер со најголема брзина за време од 3 до 4 минути, додека шлагот се згусти.
- Со готовиот шлаг крем, премачкајте ја тортата. Украсете ја со рендано чоколадо. До служењето, непечната торта со бисквити и пудинг чувајте ја во фрижидер. На здравје!
Ви предлгаме да прочитате: Рецепт за популарната шах торта.