Дали некогаш ви се случило да заборавите да одмрзнете месо за да подготвите ручек? Не паничете – ние имаме супер рецепт за печење на замрзната риба со коj не мора да чекате истата да се одмрзне. Посно, супер вкусно и здраво јадење за сите генерации!
Подгответе вкусен, брз и здрав оброк за целото семејство. Доколку избегнувате да приготвувате риби затоа што немате време да чекате истите да се одмрзнат, а не секогаш сте во можност да набавите свежа, тогаш ова е вистинскиот рецепт за вас. Вкусот на вака подготвената риба е фантастичен, месото е меко и сочно, а печената риба е секако секогаш поздрав избор од пржената. Па не чекајте, пробајте го овој лесен и брз рецепт уште во првата прилика кога се брзате, а сепак сакате здрав и топол оброк.

Состојки:
- 4 парчиња замрзната риба
- 2 лажици маслиново масло
- сол и црн пипер по вкус
- зачини за риба по желба.
Подготовка:
- Извадете ги парчињата риба од амбалажата и измијте ги под млаз вода за да ги отстраните остатоците од мраз. Доколку парчињата се поголеми, а немате многу време за подготовка, оставете ги кратко да се одмрзнат, а потоа исечете ги на помали делови.
- Рибите премачкајте ги со маслиново масло од сите страни и наредете ги на плех претходно обложен со хартија за печење.
- Печете ги околу 4-5 минути во претходно загреана рерна на 230 степени. Извадете ги од рерна и зачинете ги со сол, црн пипер и други зачини по желба.
- Продолжете со печење дополнителни 15-30 минути, додека рибите се испечат. Времето на печење е во зависност од големината на парчињата риба. Повремено вртете ги за да се испечат рамномерно од сите страни.
- Печените риби послужете ги додека се топли со посен песто сос и со прилог по желба. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: 7 најздрави видови на риба според нутриционистите.