Секоја декорација на Велигденските јајца е посебна и убава за себе, различна и со љубов подготвена од нашите домаќинки. За денес ние избравме еден навистина необичен, а мошне декоративен начин за боење на велигденски јајца со кујнска хартија. Крајниот резултат е интересен и несекојдневен, па навистина вреди да се проба.
Постапката за декорирање на велигденски јајца со кујнска хартија е едноставна и истата е прикажана и на видеото. На вас останува само да и се препуштите на фантазијата и да ги измешате боите по ваш вкус или по желба на вашите најмали кои најмногу им се радуваат на празниците и декорирањето на велигденски јајца.
Како да декорирате велигденски јајца со помош на кујнска хартија?
Потребно:
- варени јајца
- кујнска хартија (во замена може да се употреби газа или филтер хартија за кафе)
- течни прехрамбени бои во повеќе нијанси
- најлонски или други заштитни ракавици
- шише со пумпица за вода
- ластичиња
- влошка за јајца
Начин на изработка:
- Најпрво сварете ги јајцата. Потоа, варените јајца извадете ги од водата и оставете ги да се исушат. За да ја забрзате постапката, јајцата може да ги избришите со кујнска хартија.
- Потоа секое јајце замотајте го во кујнската хартија и подврзете го со ластиче.
- Врз кујската хартија капнете по неколку капки од секоја нијанса од прехрамбените бои, а потоа испрскајте ги со вода, со цел да се разлее бојата врз хартијата.
- Ставете ги шарените јајца врз влошка за чување и оставете ги да постојат околу половина час за да остане бојата на лушпата од јајцата.
- За крај, одвиткајте ги јајцата од кујнската хартија и уживајте во ефектот!
На овој начин ќе добиете прекрасни декоративни велигденски јајца на кои никој нема да остане рамнодушен!
Ви препорачуваме да прочитате: Лесно боење на Велигденски јајца со слатка павлака.