рецепт за сендвич монте кристо

Монте Кристо сендвич – брза идеја за појадок од кујната на Марија Кочовска

Кој е за брз и превкусен сендвич? Ајде гурмански да патуваме и да ги вкусиме најубавите јадења ширум светот. Овој пат ви припремив Монте Кристо сендвич кој е американска верзија на францускиот сендвич „Croque-monsieur“.  Се прави од тост леб, сирење (кашкавал) и шунка, премачкан во мешавина од јајца и испржен во путер. 

Овој сендвич е популарен во САД од 1930-тите години и има многу регионални варијации. Некои го сервираат со шеќер во прав, сируп или џем за да му дадат сладок вкус. Но, солено-слатките комбинации не се по мој вкус, па ги изоставив. Снимив и видео од подготовката, кое може да го погледнеш подолу во текстот.

монте кристо сендвич со леб

Состојки:

  • 3 парчиња тост леб XL од Жито Лукс
  • 3 лажици мајонез
  • 4 парчиња шункова салама
  • 3 лажици (50 г) рендан кашкавал 
  • 2 јајца
  • 1 лажица млеко
  • Сол по вкус
  • 1 лажица путер. 
монте кристо сендвич

Подготовка:

  1. Врз секое парче леб ставете по 1 лажица мајонези и премачкајте. 
  2. Потоа ставете рендан кашкавал. 
  3. Врз две парчиња леб,  ставете по 2 парчиња шункова салама. 
  4. Земете го едното парче со шункова салама и ставате го врз другото парче со саламата. Потоа земете го парчето со кашкавалот и ставете го врз парчињата со салама, така што кашкавалот ќе биде од долната страна. Постапката погледни ја на видеото.  
  5. Сендвичот притиснете го. 
  6. Во длабока чинија ставете ги јајцата, додајте го млекото, посолете и измешајте со жица за матење. 
  7. Сендвичот потопете го во изматените јајца. 
  8. Во тава на оган, на умерена температура ставете го путерот. Штом се растопи додајте го сендвичот и пржете го од сите страни (потребно ќе биде да се пржи по 3 минути од страна).
  9. Топлиот Монте Кристо сендвич, пресечете го на половина, така што ќе добиете два триаголници. Послужете го веднаш. На здравје! 

Совети плус:

  • Користев бел тост леб XL од Жито Лукс, затоа што големината на парчињата е идеална за подготовка на овој сендвич.
  • Краевите на тост лебот може да ги исечете за да добиете совршена форма.
  • По желба врз парчињата леб може да додадете и сенф заедно со мајонезот. 
  • Сендвичот може да го исечете и на четвртини и да добиете совршено мезе. Вкусен е и кога е ладен.
  • Со тост леб можеш да направиш и брз клуб сендвич.
монте кристо сендвич

За повеќе рецепти и идеи посети ги моите профили на социјалните мрежи и заследи ме:

*Рецептот е поддржан од Жито Лукс.

Сподели: