Дебелина – модерна болест која ги нарушува органските системи

Добрата фигура може да биде императив за убав изглед, но уште поважно превенција од голем број болести. За непријатната состојба дебелина, која е болест на модерното време и може значително да ги наруши органските системи уште од античко време мудро е речено „Не живеј за да јадеш, јади за да живееш”.

Дебелината или стручно наречена обезитас, претставува хронична болест која се манифестира со претерано таложење на телесни масти и зголемување на телесната тежина. Преваленцата на ова заболување во целиот свет е во пораст, со што дебелината станува една од водечките болести на модерната цивилизација. Лесно дефинирана како зголемен внес на висококалорична храна и отсуство на физичка активност.

Дебелината e условена од поголем број фактори меѓу кои наследните особини, психолошките, културните, социјалните, метаболните и физиолошките одлики на една индивидуа. Дебелината претставува ризик фактор за поголем број болести и нарушувања на органските системи чија функција е неопходна за здраво и нормално живеење.

Дебелина - модерна болест која ги нарушува органските системи

Да го разгледаме малку подетално влијанието врз органските системи на модерната епидемија наречена дебелина:

Болести на крвните садови

При дебелина, зголемениот обем на циркулирачка крв бара поголема работа на срцето што доведува до зголемен минутен волумен. Како последица на тоа се јавува покачен крвен притисок (хипертензија) и хипертрофија на левата комора. Тоа води до срцева слабост кај дебелите пациенти. Освен тоа, покаченото ниво на холестерол во крвта во најголемиот број случаи предиспонира кон развој на атеросклеротични промени на коронарните и церебралните крвни садови кои резултираат со срцев или мозочен удар најчесто со летален исход. Честа е појавата и на проширени вени на потколениците на нозете заради отежнатата циркулација.

Нарушувања на метаболизмот

Високиот внес на јаглехидрати во текот на повеќе години доведува до метаболно заболување познато како Дијабет мелитус тип 2 (покачен крвен шеќер). Рецепторите стануваат резистентни на дејството на инсулинот кој се лачи од бета клетките на панкреасот и истата состојба доведува до хипергликемија и развој на дијабет.

Малигни неоплазми

Неодамнешни истражување поставиле релација помеѓу дебелината и ризикот од развој на рак на дојката. Кај постменопаузни жени масното ткиво кореспондира со излаченото количество на естроген кој предиспонира кон развој на малигна неоплазма.

Остеоартритис

Дебелината доведува до дегенеративни промени на коските и зглобовите. Дебелите луѓе имаат дури девет пати поголем ризик од развој на ова заболувања.

Промени на кожата

Претераното растегнување на кожата поради зголемување на обемот на телото доведува до раскинување на колагенските, еластични влакна на средниот слој – дермисот. Се создаваат лузни кои на почетокот се црвено, подоцна бело пребоени. Стриите се сериозен естетски проблем и тешко се наоѓа ефикасен третман.

Психички нарушувања

Дебелите луѓе се често предмет на потсмев на животната средина. Најчесто се јавува ментална напнатост, чувство на изолација и депресија.

Сподели: