домашен восок за депилација 1

Домашен ладен восок за депилација

Сон на секоја жена е мазна, нежна кожа без влакна. Отстранувањето на влакната од несаканите делови често пати е проблематично и болно. За да ги отстраните несаканите влакна на телото, нема потреба да одите во козметички салони или пак да поминувате многу време во маркети барајќи средства за депилација кои ќе ви помогнат.

Ние ви предлагаме да направите домашен ладен восок за депилација со состојки кои ги имате во вашата кујна. Рецептот е испробан од нас, и ја потврдуваме неговата ефикасност за отстранување на несаканите влакна. Редовната депилација со ладен восок ќе го намали растењето на влакната, а самата постапка е поедноставна, брза и нема ризик од изгореници. Домашно припремениот восок не содржи хемиски средства кои може да ја иритираат кожата и затоа се препорачува за сите типови на кожа.

домашен восок за депилација

За да го направите домашниот ладен восок за депилација потребни ви се:

Состојки:

  • 1 чаша шеќер
  • 1 чаша мед
  • ½ чаша свеж сок од лимон (во замена може да користите јаболкова киселина).

Подготовка:

  1. Во мало тенџере на оган на средна температура ставете го шеќерот. Штом шеќерот ќе се растопи и ќе добие светло кафеава боја, тенџерето тргнете го од оган.
  2. Веднаш додајте го медот и свежо цедениот сок од лимон. Измешајте ги убаво состојките за да се добие хомогена смеса, а по потреба тенџерето вратете го на оган и восокот варете го една до две минути.
  3. Припремениот восок оставете го кратко да се излади, а потоа ставете го во стаклена тегла и користете го по потреба.

Восокот нанесете го на сува кожа во правец на растењето на влакната, а потоа врз него ставете ленти од ткаенина (можете да ги најдете во парфимериите или поголемите супермаркети) или слабо шамиче. Лентите повлечете ги спротивно од растот на влакната. После депилацијата кожата измијте ја со млака вода, а по потреба исчистете ја со бебешко масло. Депилацијата со ладен восок не смее да се примени ако кожата е повредена.

Сподели: