Сакате чист дом без бактерии и вируси? – Најважно што треба да знаете за уништување на микроорганизмите во домот, е како правилно да се направи чистење и дезинфекција на облеката, како и просториите, предметите и површините кои најчесто ги користите и допирате.
Бактериите и вирусите се редовни „гости“ во нашите домови. Најчесто ги внесуваме од надвор. Преку облеката која ја носиме, обувките, храната, сè што купуваме од продавниците или преку кивање и искашлување. Микроорганизмите можат да останат на разни површини и по неколку часови, па дури и денови. Поради тоа што може да преживеат во надворешната средина подолго време, преку допирање на површините каде има, може да ги внесиме во организмот. За да се избегне зараза со некоја бактерија или вирус допирајќи предмети, потенцијално контаминираните површини треба да се исчистат и дезинфицираат пред и по секоја употреба.

Дезинфекција на просториите
Просториите, подот и прозорците исчистете ги од прашината. Проветрувањето помага за дезинфекција. Собите проветрувајте ги секојдневно по природен пат, секогаш кога дозволуваат временските услови. За вентилација може да користите и прочистувач на воздух или клима.
Кренете ги ролетните или тргнете ги завесите за во собата да „влезе“ сонце. Бањите и тоалетите дезинфицирајте ги еднаш дневно. Испрскајте со средство за дезинфекција, а потоа избришете со чиста и сува крпа.
Може да ве интересира: 5 домашни средства за совршено чиста бања.
Редовно чистете ги површините кои ги допирате
Површините кои постојано ги користите, како столови, тастатура, глувче, телефон, брави, врати и прозорци, алати итн., потребно е да се дезинфицираат секојдневно. Ако површините се видливо валкани, претходно исчистете ги со крпа, а потоа дезинфицирајте ги.
Перење на постелнините и облеката
Текстилот како постелнини, крпи, завеси, облеката која ја носиме, прекривачи и слично перете ги во машина за перење алишта. Корпата во која ја оставате валканата облека, редовно мијте ја со топла вода и бришете ја со чиста крпа.
Ви препорачуваме да прочитате: 5 трикови за чист и уреден дом.