еклери со јагоди - рецепт

Еклери со јагоди и ванила крем

Доволно е само да ја погледнете фотографијата за да претпоставите колку само се вкусни овие еклери со јагоди и збогатени со фил од ванила, просто идеални. Рецепт кој мора да се проба!

А, каде на друго место би нашле ваков идеално искомбиниран и испробан рецепт, ако не на блогот Kuhinjica Mignone каде можат да се најдат одлични кулинарски дела од нашата пријателка Лана. Еве како да ги направите превкусните и освежително овошни еклери со јагоди. Лесен кремаст фил и овошки, супер за сечиј вкус!

еклери со јагоди - рецепт

Состојки:

За тесто:

  • 100 мл масло
  • 250 мл вода
  • 170 гр брашно (по можност остро)
  • 5 јајца.

За фил:

  • 3 жолчки
  • 4 лажици шеќер
  • 50 гр брашно
  • 50 гр густин
  • 500 мл млеко
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 200 мл изматена слатка павлака
  • околу 300 грама свежи јагоди.

Подготовка:

  1. Во поголем сад на оган ставете 100 мл масло и 250 мл вода, па оставете да зоврие.
  2. Во така зовриената течност додајте го наеднаш целото брашно и брзо измешајте за да не се појават грутчиња во тестото.
  3. Оставете смесата да се излади, а потоа додека матите со миксерот, едно по едно додајте ги јајцата и убаво изматете ги сите состојки.
  4. Смесата ставете ја во шприц и формирајте еклери со должина од 5-6 см, во тава обложена со мрсна хартија за печење.
  5. Печете во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 20 минути, а многу важен совет за убави еклери е да не ја отворате рерната за време на печењето.
  6. Во меѓувреме припремете го филот. Изматете ги жолчките со шеќерот, додајте брашно и неколку лажици ладно млеко.
  7. Преостанатото млеко загрејте го со ванилата, а кога ќе зоврие, полека додавајте ги со постојано мешање и изматените жолчки. На овој начин, ќе добиете густ крем.
  8. Оставете потполно да се излади и на крај внимателно додајте ја и изматената слатка павлака.
  9. Кремот ставете го во шприц и филовајте ги пресечените еклери, а потоа наредете ги со сечкани јагоди.

Пред да ги служите, по желба врз готовите еклери со јагоди наросете шеќер во прав или прелијте ги со растопено чоколадо. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Најдобриот рецепт за еклери со крем од ванила.

Сподели: