Сите вљубеници во здравиот начин на живот ќе го одобрат овој рецепт! Кате го направила и фотографирала нејзиниот здрав колач со цреши, а ние со задоволство го споделуваме за да може сите да уживаат во неговиот вкус!
Може да ве интересира: Освежителен кремаст десерт со цреши и лиснато тесто.

Состојки:
- 150 гр спелтино брашно
- 150 гр интегрално пченично брашно
- 150 гр кафеав шеќер
- 200 мл овесно млеко
- 1 јајце
- 120 гр цреши (без семка)
- 1 кесичка прашок за печиво
За посипување:
- по потреба шеќер во прав.
Подготовка:
- Во поголем сад измешајте ги двата вида брашно, шеќерот и прашокот за печиво.
- Во чинија, со виљушка изматете го јајцето, па додајте го во садот со брашната и промешајте.
- Постепено додавајте го млекото и на крај додајте ги и црешите.
- Истурете ја смесата во калап за векна, кој претходно сте го намрсиле и сте го посипале со брашно.
- Печете на 180 степени, за време од околу 35 минути или додека убаво се вцрви, а внатре добро да е испечено. Најдобро проверте со дрвена чепкалка.
- Испечениот и изладен колач посипете го со шеќер во прав, сервирајте и на здравје!
Предлог плус: Колачов може да биде и посен со тоа што јајцето ќе го замените со малку масло.
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви препорачуваме да прочитате: Турски гурабии со цреши.