новогодишни лампиони од CD

Искористете ги старите CD-ња и направете новогодишни лампиони со декупаж техника

Декупаж техниката кај нас е многу популарна во последно време. Се применува на разни површини и предмети од најразлични материјали како што се дрвото, металот, стаклото, порцеланот и керамиката. Можеби најмногу ви е позната како интересна техника за украсување на велигденските јајца. Но, оваа постапка може да се искористи и во пресрет на новогодишните празници. Ви претставуваме креативен начин со кој од старите и бескорисни CD-ња може да направите интересни новогодишни лампиони со декупаж техника.

Наместо да купувате скапи лампиони дајте им нов живот на старите CD дискови. Постапката за изработката на новогодишните украси со помош на декупаж техника е навистина интересна и креативна и истата е прикажана на следново видео. Потребни ви се две до три салфетки со новогодишни мотиви и забавата може да започне. А вака добиените украси имаат рустичен и романтичен шмек, па се навистина неодоливи украси за сечиј дом.

Потребни материјали:

  • стари CD-ња
  • лепак за декупаж
  • акрилна паста во бела боја
  • салфетки со интересен дезен
  • лак за декупаж
  • четка
  • картон
  • украсна лента
  • дупчалка за хартија
  • ножици.

Начин на изработка:

  1. Најпрво, од картон исечете два круга кои ќе одговараат на големината на отворот на CD дискот.
  2. Наместете го едниот круг од картон на едната страна на отворот на CD дискот. Залепете го, така што другиот круг ќе го ставите од другата страна на дискот, а меѓу нив празнината ќе ја пополните со лепило.
  3. Вака подготвеното CD, премачкајте го од двете страни со бела акрилна паста која ќе ја нанесете во подебел слој и ќе ја измазните со помош на шпатула или нож. Бојата не треба целосно да се измазни , т.е. треба да има нерамна површина со цел да се добие впечаток на снег.
  4. Од салфетката доколку е повеќе слојна отстранете го горниот слој со дезен и со помош на ножици изрежете ја шарата која ви се допаѓа.
  5. Со помош на четка нанесете од лепилото за декупаж на белата основа од CD дискот, па залепете ја формата која сте ја одрежале од салфетката.
  6. И врз залепената форма нанесете малку од лепилото, па почекајте да се исуши.
  7. Откако се добро ќе се исуши, целиот украс премачкајте го со лак за декупаж.
  8. Направете панделка од украсна лента. На CD дискот направете отвор со помош на дупчалка за хартија. Панделаката поставете ја во отворот и новогодишните лампиони со декупаж техника се готови. Уживајте во празниците!

Ви препорачуваме да прочитате: Направете снежни топки од конец за плетење.

Сподели: