копар

Исушете копар на 3 начини

Копарот потекнува од Медитеранот и Јужна Русија, а се користи од најстари времиња. Голема примена наоѓа во европската и скандинавска кујна. Најчесто се употребува како зачин за јадење и зимница, а исто така и како чај, кој ги смирува стомачните грчеви кај бебињата.

Доколку ви останал свеж копар или пак го одгледувате во вашата градина, сега можете сами да направите сушен копар кој ќе го користите како зачин. Изберете еден од трите начини и вкусете ја аромата на копарот преку цела година.

Стандарден начин на сушење на копар

  1. Еден ден пред да ги соберете листовите од копарот, навадете го растението. Притоа со водата, добро измијте ја прашината и инсектите кои би можеле да се најдат врз листовите.
  2. Рано наутро со помош на градинарска ножица, соберете ги листовите, пред сонцето да ги дехидрира. Ако сакате да ги исушите семките од копарот, пресечете ги цветовите со дел од гранките.
  3. Собраните гранчиња копар ставете ги во голем сад за цедење и измијте ги темелно. Оставете ги кратко да се исцедат, а потоа ставете ги врз кујнска хартија. Оставете ги врз хартијата 3 минути, а потоа нежно пребришете ги.
  4. Гранчињата копар групирајте ги по 5 до 10 во една киска. Врзете ги со конец или со помош на ластиче. Најважно е гранчињата копар добро да бидат исушени од водата, затоа што може да мувлосаат во фазата на сушење.
  5. Земете хартиени ќеси и направете мали отвори низ нив, за да може воздухот да циркулира. Хартиените ќеси ќе го заштитат копарот од инсекти, а исто така гранчињата кои се исушени ќе паднат во ќесите. Доколку планирате копарот да го сушите во чисти простории, нема потреба да користите хартиени ќеси.  Киските со копар поставете ги во ќесата и добро врзете ги, така што листовите ќе бидат насочени кон отворот.
  6. Ќесите ставете ги на суво место со добра циркулација на воздухот. Оставете ги да се исушат за време од 2 недели.
копар

 Сушење на копар во рерна

Доколку сакате да го исушите копарот го рерна, применете ги првите три постапки од прехтодниот начин. Потоа следете ги следните чекори:

  1. Рерната загрејте ја на 43 степени или на пониска температура. Измиениот и исушен копар ставете го во тава обложена со хартија за печење. Тавата ставете ја во загреената рерна за време од 2 до 4 часа.
  2. Потоа копарот извадете го од рерната и оставете го да се излади. Сушениот копар ставете го во стаклена тегла и употребувајте го по потреба.

Сушење на копар во микробранова печка

Копарот може да го исушете и во микробранова печка. Постапката за припрема на копарот е иста како и при првиот начин.

  1. Измиениот и исушен копар ставете го чинија, обложена со два слоја на кујнска хартија или салфетка. Врз копарот ставете уште една салфетка.
  2. Чинијата со копар ставете ја во микробрановата печка за време од 4 минути на висока топлина. Извадете го копарот и проверете дали е добро исушен. По потреба, исушете го дополнително уште 2 минути.
  3. Потоа, оставете го да се исуши и соберете го во стаклен сад. Вака исушениот копар има трајност 2 до 4 недели, а копарот исушен со првиот и вториот начин има подолг рок на употреба.

Сподели: