чување на јаболката во зима

Како да ги чувате јаболката во зима за да ви траат подолго

Една англиска изрека вели дека ако јадете барем едно јаболко на ден, доктор нема да ви е потребен. Во оваа изрека има голема вистина. Без разлика дали ќе одберете зелено, црвено или жолто јаболко, телото ќе ви биде благодарно за секое залаче кое што ќе го изедете. Затоа погрижете се добро да ги складирате јаболката за да ви потраат што подолго во текот на зимата. А ние сме тука да ви кажеме кои се најдобрите начини за чување на јаболка.

Јаболката се богати со витамин Ц, витамини од групата Б, калциум, калиум, фосфор, магнезиум и цинк. Овој сладок плод содржи многу антиоксиданси и растителни влакна кои дополнително го засилуваат одбранбениот систем на телото. Земајќи го ова во предвид, слободно може да се каже дека секое јаболко е микс од хранливи состојки кои благопријатно делуваат на целокупното здравје. Затоа тие се идеална храна за во зимскиот период кога нашиот организам има зголемена потреба од витамини и минерали. Во продолжение ви предлагаме неколку совети како полесно да ги чувате јаболката во текот на зимскиот период.

чување на јаболка

Селектирајте ги јаболката пред складирање

Најдобри јаболка за складирање се од сортите кои дозреваат во периодот есен – зима. Секогаш плодовите треба да се берат со се гранче и треба да се внимава при самата берба да не се фрлаат, тркалаат, гмечат или пак остават на дожд или сонце. Плодовите секогаш треба добро да се прегледаат. Тие треба да се здрави, без видливи знаци на оштетување или заболени. Јаболката не е потребно да се мијат или пак бришат.

Подредете ги по големина

Иста така, јаболката треба да се подредат според големината на мали, средни и големи. Големите јаболка не се погодни за долго чување бидејќи испуштаат повеќе етилен и тие треба први да се консумираат.

Пред да ги складирате одреден период чувајте ги на ладно

Откако ќе се соберат и селектираат јаболката најдобро е две до три седмици да се остават на ладно и суво место. За време на овој период плодовите со скриени оштетувања и заболувања ќе покажат знаци на расипување, па тие ќе можат навреме да се тргнат пред да започнат да скапуваат и другите јаболка.

Подгответе го просторот во кој ќе ги складирате јаболката

Просторот во кој ќе се чуваат јаболката треба да е сув и дезинфициран. Оптимална температура за нивно чување е од 1 до 3 степени. Исто така, просторијата во која ќе се чуваат треба да има добро проветрување заради насобирањето на етилен. Во текот на овој период додека јаболката се складираат тие ќе изгубат дел од своите флавоноидни и не-флавоноидни полифеноли, но сепак во нив ќе остане добар дел од хранливите материи.

Откако ќе ги складирате повремено проверувајте ги

Јаболката треба повремено да се проверуваат, со цел да отстранат отштетните. Јаболката кои скапуваат ослободуваат невообичаена количина на етиленски гас и со тоа ќе влијаат на побрзо расипување и на останатите јаболка. Исто така, јаболката секогаш треба да се избегнува да се чуваат во близина на компири, бидејќи гасот кој го ослободуваат може да влијае на нивно побрзо расипување.

Ви препорачуваме да прочитате: Домашен овошен чај од јаболко и цимет.

Сподели: