Патиките се едни од најудобните и најпотребните обувки на поголемиот број од нас, а ретко кој не се соочува со проблемот на непријатен мирис, посебно после повеќе часа носење. Затоа, ви предлагаме да си направите сами корисен и ефикасен освежувач за патики, кој на брз и едноставен начин ќе ја зголеми вашата удобност при носењето, а ќе ја намали непријатноста во друштво.
Вистински упивач на непријатните мириси е добро познатата сода бикарбона, за која досега сме слушнале дека се користи за отстранување и неутрализирање на мириси во фрижидерот. Сега можете да ја претворите во одличен освежувач за патики, а најдобро е што претставува евтин метод кој ќе ве „спаси“ вас и вашите домашни.
Сѐ што ви е потребно за да направите освежувач за патики се неколку состојки.

Состојки:
- 2 чисти чорапи
- 400 гр сода бикарбона
- 30-50 капки етерично масло по желба.
Подготовка:
- Во сад ставете ја содата бикарбона и во неа додајте го етеричното масло (најдобро одговара од рузмарин и нане/пеперминт, а вие можете да си комбинирате по желба).
- Смесата измешајте ја добро, а потоа ставете ја во чорапите. Внимавајте чорапите да немаат дупчиња, за содата да не дојде во контакт со патиките.
- Чорапите наполнети со сода бикарбона ставете ги преку ноќ во замирисаните патики, а непријатниот мирис до утрото ќе исчезне, ќе остане само пријатната арома од етеричното масло.