Пред извесно време дознавме како да направиме мирисна киселина од лаванда, а знаеме ли за што служи? Сега имаме можност да дознаеме за повеќе употреби кои и тоа како може да ни бидат од корист.
Омекнувач за алишта
Можете да турите 1/4 шолја обична киселина и да дополнете со вода во преградата за омекнувач. Но, наместо обична киселина, ако сакате алиштата освен меки и убаво да ви мирисаат, користете мирисна киселина од лаванда. Облеката ќе биде мека и со пријатен мирис, а дополнително лавандата делува антибактериски. Ако сакате поизразено да се чувствува мирисот на лаванда, додајте неколку капки етерично масло од лаванда.

Заштита од инсекти и бубачки
Бубачките и инсектите не сакаат лаванда, па затоа е одлична и како помош против крлежи кои се појавуват кај домашните миленици. Измешајте еднакви делови киселина од лаванда и вода со шишенце со спрејна прскалка. И во овој случај по желба може да додадете неколку капки етерично масло од лаванда. Со течноста испрскајте го вашето куче, но и неговиот кревет. Овој спреј не го употребувајте за мачки.
Нега на косата и кожата
Измешајте 1 шолја киселина од лаванда со 8 шолји вода и со таа мешавина измијте ја косата. Исто така за оваа намена може да користите и јаболкова киселина. На овој начин, длабински ќе ја исчистите косата и ќе ги отстраните длабински сите остатоци од шампонот. Ако практикувате да правите купка во када, слободно додајте од киселината од лаванда и уживајте барем 30-тина минути.
За чистење на прозорци
Измешајте 1 шолја од киселината, со една шолја вода и малку пченкарно брашно и истријте ги прозорците. На крај исушете ги со истуткани весници, ќе сјаат!
Ви препорачуваме да прочитате: Едноставно направете мирисна киселина од лаванда.