Кисели бабури полнети со зелка 1

Кисели бабури полнети со зелка

Ваква зимница не може да се најде лесно во маркетите, а слободно може да ја наречеме многу вкусна. Рецептот за кисели бабури полнети со зелка е проверен, а може да го прочитате подолу во текстот.

Клара ни кажа: „Ваква салата често ми носеле во тегла и иако не сум кој знае колку по овие работи, уште на прво вкусување ми се допадна. Едноставно ни е убаво кога повремено ќе ја имаме на трпезата во зимскиот период. До сега не се сеќавам да сум сретнала кај нас во продажба, па наместо да чекам случајно да ми носат, се одлучив сама да ја направам. “

Кисели бабури полнети со зелка 2

Состојки:

  • 4 кг пиперки – бабури
  • 3,5 кг зелка
  • 0,5 кг моркови
  • 1 л алкохолен оцет (9%)
  • 3 л вода
  • 250 гр шеќер
  • 200 гр крупна сол
  • 1 ќесичка винобран
  • 20-30 гр црн пипер во зрно
  • магдонос по желба.

Подготовка:

  1. Зелката ситно издробете ја, а морковите изрендајте ги. Уште поубави би биле кога и зелката би ја изрендале, како и морковот уште поситно.
  2. Посолете и оставете ги околу 20 минути да пуштат вода. Рецептот можете да го правите и без моркови, односно само со зелка, а кој што сака луто може да додаде и ситно рендани лути пиперчиња.
  3. Пиперките измијте ги, извадете им ги рачките и убаво исчистете ги од семето.
  4. Зелката со морковите убаво исцедете ја со раце, а водата сочувајте ја.
  5. Пиперките полнете ги, така што убаво ќе ја набиете мешавината со зелка. Препорака е тоа да го правите со раце, бидејќи така најдобро ќе можете доволно да притиснете без да се рапукаат пиперките. Ваквото густо полнење при пресек на пиперката не дозволува зелката да се распаѓа, туку стои компактно заедно со неа.
  6. Полните бабури редете ги во тегли или во поголем пластичен сад со отворот на горе, внимавајќи да се една до друга во редот, но да не се искршат од притискањето.
  7. Во засолената вода која ја зачувавте, додадете ја останатата сол (доколку не сте ја ставиле цела), шеќерот, оцетот, винобранот и водата.
  8. Мешајте додека сите состојки убаво се растопат, па потоа прелијте ги пиперките до површината.
  9. Додајте го црниот пипер во зрно, а по желба додајте крупно сечкан магдонос.
  10. Солилото кое ви останало зачувајте го. Оставете ги теглите или пластичниот сад да преноќат без да се цврсто затворени.
  11. За тоа време, полнетите бабури ќе впијат дел од течноста (солилото), па другиот ден дополнете повторно за убаво да се покрие и нагорниот ред, па добро затворете.
  12. За да бидат готови потребни се околу 2 недели, па може да направите пробна дегустација. На здравје!

Забелешка: Клара ни кажа дека во солилото не ставила винобран, ниту конзерванс, а пиперките биле одлични и после 2 недели.

Рецептот го испратил: Клара Бос.

Ви препорачуваме да прочитате: Рецепт за пеглани пиперки.

Сподели: