Планирате свечен ручек и размислувате што да им послужите на гостите додека стигне главното јадење? Ви требаат ли нови и интересни рецепти за разубавување на трпезата? Имаме супер предлог! Вкусни и симпатично на изглед, корпици од лиснато тесто со фил од туна. Одлични се и за детски родендени, матурски прослави, свадби или пак домашни слави. А најдобро од сѐ е тоа што нема месење, валкање на многу садови во кујната и чистење со часови.
Најдоброто кај овие корпички е тоа што може да ги подготвите порано и да ги сервирате непосредно пред да дојдат гостите. Не се ни малку комплицирани за подготовка, а се прекрасни и на изглед и на вкус. По желба може да ги наполните и со други филови и така да добиете корпички со различни вкусови. Од наведената доза за фил може да наполните околу 24 корпички, но по желба може да ја зголемите количината на намирниците доколку ви се потребни повеќе парчиња. Рецептот ни доаѓа од нашата пријателка Лана, а повеќе фотографии од подготовката може да погледнете на линкот.

Состојки:
За корпици:
- лиснато тесто
За филот од туна:
- 180 г туна
- 200 г крем сирење
- 1 лажица сечкан магдонос
- сол и црн пипер по вкус
- лимонов сок по потреба
- неколку маслинки за декорација.
Подготовка:
- Лиснатото тесто развлечете го во тенка кора и со помош на калап во кружна форма извадете кругови од него. Доколку немате калап може да искористите и чаша.
- Калапот за мини мафини намрсете го и обложете го со круговите тесто. Со виљушка избоцкајте ја секоја корпичка од тесто.
- Вака подготвените корпички од тесто печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени околу 10-15 минути колку да заруменат.
- Откако корпиците ќе се изладат извадете ги од калапот.
- Во меѓувреме подгответе го филот од туна. Туната од конзерва и крем сирењето изблендирајте ги со помош на блендер или кујнски сечко или издробете ги со виљушка.
- Добиената смеса зачинете ја со сол, црн пипер и лимонов сок по вкус. Додајте го и сечканиот магдонос.
- Сите состојки добро промешајте ги и добиениот фил ставете го во шприц за филување.
- Со филот од туна наполнете ја секоја од претходно испечените корпички.
- На секоја корпичка ставете по половина маслинка и декорирајте со лист од магдонос.
- По желба може да користите фил по ваш вкус.
- Чувајте ги во фрижидер до послужување. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Сочни корпички со фил од јаболка.