Тие се прав есенски десерт! Кревките и сочни корпички со фил од јаболка мирисаат на цимет и се неодоливи за појадок со шолја топол чај! Одлични за да ви го подигнат расположението на високо ниво!
Рецептот е од страницата на нашата пријателка Лана, која испробува фотографира и сите ние можеме да уживаме во нејзините дела. А сега, еве како да ги направите овие преубави корпички со фил од јаболка!

Состојки:
За корпички:
- 200 гр брашно (пченично или спелтино)
- 125 гр путер
- 50 гр мелени бадеми
- 50 гр шеќер
- прстофат сол
- прстофат цимет
- 1 јајце
- малку нарендана кора од лимон или портокал.
За фил:
- 2-3 јаболка
- 2 лажици шеќер
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 1 рамна лажица цимет
- 1 лажица лимонов сок
- 1 лажица путер (за динстање на јаболката).
За премачкување:
- 1 јајце.
Подготовка:
- Замесете тесто од брашното, мелените бадеми, шеќерот, малку сол и цимет, како и наренданата кора од цитрусно овошје.
- Додајте го путерот и едно јајце за убаво да се поврзи смесата (може и неколку лажици ладно млеко или вода).
- Тестото обликувајте го во вид на топка, замотајте го во најлонска фолија и така оставете го половина час во фрижидер.
- За тоа време припремете го филот од јаболка. Јаболката излупете ги и исечете ги на мали коцки, па кратко продинстајте ги на малку путер.
- Додајте шеќер по вкус, малку лимонов сок и лажичка цимер за убаво да замириса. Кога јаболката ќе омекна, тргнете ги од оган за да се изладат.
- Со помош на сукало развлечете го тестото во тенка кора, па исечете поголеми кругови.
- Круговите од тесто ставете ги во калап за мафини (по потреба отсечете по рабовите за да биде иста големината на сите), наполнете ги со фил и од преостанатото тесто направетелентички кои ќе ги распределите преку филот одозгора.
- Премачкајте ги со изматеното јајце и печете на 180 степени за време од 25 до 30 минути.
- Пред служење, корпичките посипете ги со шеќер во прав. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Посни колачиња со фил од јаболка, рум и ореви.