Посни колачиња со фил од јаболка, рум и ореви 1

Посни колачиња со фил од јаболка, рум и ореви

Крцкави на прв залак, а сочни во внатрешноста. Едноставно одлични! Пробајте го нашиот рецепт за посни колачиња со фил од јаболка, рум и ореви, создаваат неизмерно уживање!

За домашни забави со пријателите, за со кафе или десерт после оброк, превкусни се.

Посни колачиња со фил од јаболка, рум и ореви 2

Состојки:

  • 5 филџани вода
  • 3 филџани масло
  • 1 коцка квасец
  • брашно по потреба.

За фил:

  • 5-7 јаболкa, зависно од големината
  • 2 лажици рум
  • 200 гр ситно сечкани или мелени ореви.

За посипување:

  • шеќер во прав по потреба.

Подготовка:

  1. Најпрво подгответе го филот. Јаболката измијте ги, излупете ги и изрендајте ги, па оставете ги малку да се исцедат од водата. Оревите ситно исечкајте ги и измелете ги. Додајте ги во садот со јаболката и турете го румот, па добро измешајте.
  2. Во сад за месење ставете го квасецот заедно со водата. Откако ќе се стопи квасецот, додајте го маслото и измешајте. Потоа, додавајте брашно по потреба.
  3. Месете се додека тестото стане средно меко, а потоа од него развлечете правоаголна кора.Кората пресечете ја на половина во должина, така што ќе добиете два правоаголници.
  4. По должина на секоја од двете правоаголни кори, нанесете од претходно припремениот фил. Свиткајте ролни и исечете ги на парчиња. Можете да сечите право или косо и да добиете поинтересни колачиња.
  5. Готовите колачиња наредете ги во претходно обложен плех со хартија за печење и оставете ги околу 20-30 минути за да нараснат.
  6. Печете во загреана рерна на 200 степени додека поруменат. Колачите се крцкави и многу вкусни, а за служење може да ги декорирате со шеќер во прав. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Посни ванилици со лимон.

Сподели: