Крцкав печен карфиол во сос од кечап

Време е за нов гурмански предизвик! Ако обожавате похуван карфиол, а немате идеја за ручек, вие сте на правото место. Овој пат, пробајте го нашиот рецепт за крцкав печен карфиол во сос од кечап, кој сигурно ќе ви се допадне. Вака подготвениот карфиол може да го послужите и како мезе со некој интересен сос или како гарнир за месо. Ова јадење е доволно хранливо да се послужи и како самостоен оброк во комбинација со свежа салата!

Пазарите изобилуваат со овај вкусен зеленчук, а колку е здрав сите добро знаеме. Oдвојте малку време и направeте ново кулинарско уживање за целото семејство!

крцкав печен карфиол во рерна

Состојки:

  • 1 карфиол со средна големина исечкан на мали парчиња
  • ½ чашa палента или пченкарно брашно по избор
  • ½ – 1 чаша вода
  • 1 лажичка мешан зачин
  • ½ лажичка лук во прав
  • ¼ мала лажичка мелен црн пипер
  • 1 лажица растопен путер
  • ½ чаша кечап

Подготовка:

  1. Во длабок сад измешајте ги палентата, лукот во прав, мелениот црн пипер и мешаниот зачин. Додајте ја водата и продолжете да мешате со виљушка или мала жица за матење, додека добиете хомогена смеса. По потреба додајте вода, затоа што смесата не треба да биде многу густа.
  2. Карфиолот темелно измијте го и исечкајте го на помали парчиња. Потоа, секое парче карфиол потопете го во смесата со палента.
  3. Вака подготвениот карфиол наредете го на плех кој претходно сте го обложиле со хартија за печење.
  4. Карфиолот ставете го да се пече во загреана рерна на 220 степени. По 7-8 минути извадете ја тавата од рерната и завртете го секое парче од другата страна. Продолжете со печење уште 7-8 минути.
  5. Во меѓувреме во длабок сад измешајте ги растопениот путер со кечапот.
  6. Во вака подготвениот сос потопете го секое парче од потпечениот карфиол и повторно вратете го на печење уште дополнителни 25 минути или додека карфиолот стане крцкав.
  7. Печениот карфиол оставете го малку да се излади, па послужете го со сос по ваша желба. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Брза крем супа од карфиол и праз.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: