Сега е сезоната на лубениците и нашите пазари изобилуваат со ова сочно и вкусно овошје, и тоа по мошне достапни цени. Па, ајде да го искористиме тоа и да направиме домашен мармалад од лубеница! На овој начин ќе може да уживаме во нејзината сочност и свежина во сите сезони, а не само во лето.
Има многу причини зошто лубеницата треба да ни биде еден од омилените десерти. Освен тоа што содржи повеќе од 90% вода и помалку од 10% шеќер, богата е и со витамини, особено со каротеноиди (бета каротен), витамин Ц и витамини од Б групата. Од минералите содржи калиум, калциум, магнезиум, фосфор, цинк, железо и бакар. Затоа, искористете ги лубениците додека се уште ги има во изобилство на пазарите и направете вкусен мармалад кој ќе ви ги разубавува утринските појадоци на вас и на вашите најблиски преку целата година.

Состојки:
- 2 чаши сок од лубеница (изберете помала лубеница)
- 3 лажици лимонов сок
- 3 ½ чаша шеќер
- 6 -7 лажици течен пектин
Подготовка:
- Најпрво подгответе го сокот од лубеница. Исечете ја лубеницата на поголеми парчиња, а потоа изблендирајте ја со помош на блендер и процедете ја низ сито од семките.
- Во меѓувреме, добро измијте ги теглите и ставете ги во загреана рерна за да се исушат во целост и да бидат топли кога ќе го собирате жешкиот мармалад.
- Сокот од лубеницата и лимоновиот сок, турете ги во поголем сад. Додајте им го и шеќерот и измешајте. Ставете смесата да се вари, а притоа постојано мешајте.
- Додајте го и пектинот и варете го точно 1 минута. Потоа, мармаладот тргнете го од оган и со помош на лажица отстранете му ја површинската пена.
- Мармаладот соберете го во топлите тегли, додека е се уште жежок. Теглите добро затворете ги, наредете ги во поголем сад со жешка вода и варете ги дополнителни 7 минути за да се стерилизираат.
- Потоа, тргнете го садот од оган и оставете ги теглите да се ладат на собна температура преку ноќ.
- Вака подготвениот мармалад складирајте го на ладно и суво место. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Домашно слатко од лубеница.