Маска од јагоди за ексфолијација на лицето

Природните маски за лице се евтини и ефикасни, а најдобро е тоа што врз кожата не се нанесуваат хемиски средства, туку се користат хранливите состојки од храната. Затоа ви предлагаме да направите маска од јагоди која има ефект на ексфолијација на лицето, ги отстранува мртвите клетки и е погодна за сите типови на кожа.

Ексфолијацијата е тајната за убава кожа. Оваа постапка овозможува отстранување на мртвите клетки и забрзување на процесот на обновување на кожата, со што таа станува нежна, свежа и блескава. Јагодите се лесно достапни на пазарите, па може да ги искористиме нивните хранливи придобивки во полза на убавината. Тие се богати со АХА овошна киселина, која го поттикнува отстранувањето на изумрените клетки на епидермот, односно се прави органски пилинг. Овошната киселина ја стимулира и зајакнува кожата, ги намалува брчките и проширените пори, ја зголемува влажноста и ги отстранува пигментните дамки.

Медот содржи состојки кои делуваат како храна на кожата. Витамините, минералите и антиоксидансите од медот ја намалуваат иритацијата, а истовремено ја чистат проблематичната кожа.

Јогуртот ја навлажнува и хидрира кожата. Тој содржи млечна киселина, помага за отстранување на мртвиот слој на клетки на кожата, ги намалува флеките и ситните брчки на лицето, а може да се користи за сите типови на кожа.

маска од јагоди

Состојки:

  • 2 до 3 јагоди
  • 1 мала лажичка мед
  • 1 мала лажичка кисело млеко или јогурт
  • неколку капки екстра девствено маслиново масло
  • пченкарен скроб по потреба

Подготовка:

  1. Јагодите ставете ги во чинија и пасирајте ги со виљушка. Во чинијата додајте ги медот, киселото млеко, маслиновото масло и измешајте ги состојките.
  2. Во чинијата додајте пченкарен скроб и мешате, додека добиете кремаста конзистенција.
  3. Маската нанесете ја на чисто лице и оставате ја да делува за време од 20 минути.
  4. Потоа, измијте го лицето со млака вода и нанесете хидратантен крем. За најдобри ефекти домашната маска од јагоди користете ја два пати во текот на неделата.

Сподели: