Дали сте љубител на било какви печива? Сакате да си приготвите а немате многу време? – Имаме интересен рецепт за млечник кој е малку поразличен од класичните рецепти за мазничиња или пити и се прави со готови кори. Совршен е за подготовка кога ви се најавиле гости или едноставно кога сакате што побрзо да извадите нешто од рерната.
“Сакам брзи и лесни рецепти за подготовка, а посебно кога станува збор за некое печиво. Готовиот млечник послужете го додека е топол со чаша јогурт или павлака, но исто е вкусен и ако го оставите за наредниот ден. Верувајте дека целото семејство ќе го обожава. Се јаде во еден здив!” – вели Даниела од нашиот тим која ни го подготви овој вкусен млечник.

Состојки:
- 500 г готови кори
- 6 јајца
- 200 мл јогурт (1 чаша)
- 100 мл млеко
- сирење
- масло по потреба
- прстофат сол.
Подготовка:
- Во сад ставете ги јајцата, јогуртот, млекото и солта. Добро матете ги сите состојки со виљушка додека убаво се соединат.
- Плехот во кој ќе ги редите корите премачкајте го со масло. Ставете една кора и попрскајте со масло. Над неа ставете уште една и повторно попрскајте ја со масло. Потоа ставете трета кора и со лажица ставете од претходно подготвената смеса и размачкајте.
- Над смесата ставете рендано сирење (количина по желба). Постапката повторувајте ја додека имате кори. Доколку ви преостани од смесата турете ја врз корите најгоре и изрендајте сирење.
- Вака подготвениот млечник со готови кори исечете го на коцки и ставете го да се печи во претходно загреана рерна на 200 степени околу 20 минути. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Пита со готови кори и сирење.