модар патлиџан

Модар патлиџан – зеленчук богат со антиоксиданси

Омилениот зеленчук на многу кралеви и кралици низ вековите се одликува со исклучително здрави хранливи карактеристики и многу ниска калорична вредност што е одлична вест за сите кои внимаваат на внесот на калории и се во битка со вишокот на килограми.

Нутритивни и здравствени придобивки на модар патлиџан

Една чаша свеж модар патлиџан содржи 20 калории, 0.8 грама протеини, 4.82 грама јагленохидрати, 0.15 грама масти и 2.5 грама растителни влакна. Со тоа се задоволуваат 10% од дневните потреби на организмот за растителни влакна, 5% за калиум, 3% за витамин Ц, 5% за витамин Б6, 1% за железо и 2% за магнезиум. Растителни влакна кои ги содржи модриот патлиџан го подобруваат варењето на храната, превенираат појава на запек и помагаат во спречување на појава на хемороиди, а исто така го намалуваат лошиот холестерол во крвта.

Интересно е тоа што кората на модриот патлиџан е богата со растителни влакна, калиум, магнезиум и антиоксиданси. Поради богатството на феноли кои ги содржи, модриот патлиџан се вбројува во топ 10 зеленчуци со одлични антиоксиданти карактеристики, кои имаат позитивни здравствени ефекти против ракот, стареењето, некои воспаленија и невролошки заболувања.

модар патлиџан

Совети за да изберете, чувате и приготвувате модар патлиџан

  • Кога купувате модри патлиџани секогаш изберете ги они кои се цврсти, имаат сјајна интензивно виолетова боја, а кога ќе ги земете во рака се прилично тешки. Листовите на свежиот модар патлиџан се дебели, цврсти и зелени.
  • Модрите патлиџани чувајте ги во фржидер каде може да останат свежи неколку дена.
  • Пред да ги приготвите, добро измијте ги модрите патлиџани со студена вода.  За да го ублажите горчливиот вкус на модриот патлиџан, исечете го на кругови или ленти, посолете го и оставете го да стои 30 минути пред неговата термичка обработка.

Совет плус: Покрај корисните својства кои ги содржи модриот патлиџан, добро е да се знае дека тој има насунин, состојка која се врзува со железото и го отстранува од клетките. Тоа може да биде корисно за лица кои имаат вишок на железо во телото, а консумирањето на големи количини на храна која содржи насунин, не се препорачува за лица кои имаат недостаток на железо. Модрите патлиџани, исто така, содржат оксалати, кои може да придонесат за формирање на камен во бубрезите, па неговата консумација треба да биде ограничена кај лица кои се склони на создавање на камчиња во бубрезите.

Сподели: