хумус од модри патлиџани

Хумус со модри патлиџани

Имаме нов и супер вкусен рецепт кој посебно ќе им се допадне на оние кои обожаваат домашни намази! – Ви предлагаме да пробате малку поинаков хумус со модри патлиџани, кои совршено го дополнуваат вкусот на јадењето. Овој намаз може да го користите како додаток во веге бургери или намачкан на лепче. Изборот ќе остане на вас, а ние ви гарантираме уживање во секој залак.

Може да го послужите за појадок или како лесно предјадење, а исто така совршено одговара како сос за чипс. Па, одвојте малку време и подгответе нешто здраво и вкусно за вас и вашите сакани. Пријатно ќе се изненадите од аромата која се добива од модрите патлиџани.

хумус од модри патлиџани

Состојки:

  • ¼ чаша таан
  • 1/3 чаша свеж лимонов сок
  • 1/3 чаша топла вода
  • 1 чешне лук
  • 2 чаши варен наут
  • ½ лажичка морска сол
  • 1 средно голем модар патлиџан
  • црн пипер по вкус
  • маслиново масло по потреба
  • лут или благ црвен пипер по желба
  • сечкан магдонос по вкус.

Подготовка:

  1. Ставете ги таанот, лимоновиот сок, водата и лукот во блендер или процесор за храна и добро изблендирајте додека добиете мазна и хомогена смеса.
  2. Модриот патлиџан пресечете го по должина на половина и ставете го во сад обложен со хартија за печење. Прелијте го со малку маслиново масло, зачинете го со црн бибер и посолете го по вкус. Печете го во претходно загреана рерна на 180 степени околу 45 минути или додека омекне внатрешноста на модриот патлиџан. Потоа со помош на лажица или кујнска алатка издлабете ја внатрешноста од лушпата на модриот патлиџан.
  3. Во блендерот додајте ги варените и добро процедени леблебии, модриот патлиџан и зачинете со сол и црн бибер по вкус. Потоа, блендирајте додека да добиете хумус со хомогена текстура. По потреба додајте уште малку топла вода и промешајте го хумусот од рабовите на чашата на блендерот за добро да се соединат сите состојки.
  4. На крај, вака подготвениот хумус зачинете го со црвен пипер, магдонос и маслиново масло, соберете го во чиста тегла со капак и чувајте го во фрижидер до неколку дена. На здравје!

Совет плус:

Доколку користите суров наут, истиот ставете го во сад со вода и оставете го преку ноќ. Наредниот ден исцедете го, ставете го во тенџере и прелијте го со вода. Варете го за време од 1 час, односно додека омекне. Потоа, исцедете го и оставете го да се излади. Од една чаша суров наут, треба да добиете околу 2 чаши варен наут.

Ви препорачуваме да прочитате: Посна салата со туна.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: