Почувствувајте го вкусот на медитеранската кујна преку здравата и посна салата со туна. Овој пат ве водиме во раскошниот Медитеран и богаството од вкусови! Ги избравме најдобрите состојки и креиравме супер здрав оброк.
Свежа зелена салата, домати, краставички, пиперка, маслинки, оригано, туна… Идеална е како главен оброк за ручек или вечера. Лесна, летна, богата со витамини и минерали, и што е најважно приготвена во нашата кујна.
Состојки:
- 1 зелена салата
- 2 домати
- 1 помала краставица
- 20 маслинки каламата
- 1 зелена пиперка
- 360 г туна од конзерва
- оригано
- масло
- оцет балсамико по вкус
- морска сол.
Подготовка:
- Зелената салата исечкајте ја на ленти.
- Доматите и краставицата исечкајте ги на коцки со големина од 1 см. Пиперката исечкајте ја во форма на прстени.
- Туната исцедете ја од маслото.
- Во 4 чинии ставете ги сечканата зелена салата, сечканите домати, краставицата и пиперката. Потоа додајте ја туната и маслинките во чиниите.
- Салатата зачинете ја со масло, оригано, морска сол и оцет баласмико. Уживајте во светот на вкусовите!
Препорака од авторот:
„Лето, плажа и вкусни и лесни јадења! – Тоа е идеално, зар не? Оваа година нема да може да уживаме во морето, но затоа летната атмосфера ќе ја внесеме во својот дом. Направете декорации со школки, набавете квалитетни локални намирници и разубавете го ручекот или вечерата со оваа вкусна и здрава салата. Поканете ги најмалите, сечкајте, сервирајте и забавувајте се во кујната. Доловете го вкусот на медитеранската кујна и уживајте со најблиските.“ – вели Марија од нашиот тим која ја приготви здравата и посна салата со туна.
Сакате да разгледате повеќе идеи за салати, главни јадења и десерти? – Погледнете ги Instagram и Facebook профилите на Марија Кочовска и следете ја.
Ви препорачуваме да прочитате: Најдобриот рецепт за шеф салата.