никулци

Направете јачменови никулци и подобрете го здравјето

Јачменот е житарка со богат вкус и изглед сличен на пченицата, а се разликува од неа по посветлата боја. Јачменовите ‘ркулци се богати со малтоза, шеќер кој се користи за производство на слад.

Со текот на ‘ртењето количината на минерали и витамин значително се зголемува, а истовремено е подобра и апсорпцијата во телото. Никулците е се добар извор на витамините А, Е, Ц и Б групата. Количината на витамините во некои семиња може да се зголеми и до 20 пати во текот на ‘ртењето. Придобивките од конзумирањето на никулци се состојат во тоа што тие го активираат имунолошкиот систем на организмот, го подобруваат метаболизмот, ја подобруваат крвта, варењето на храната…

Начинот на припрема на јачменови никулци, кои имаат вкус на краставички ни го испрати Влатко.

никулци

`Ртењето на никулците започнува во вечерните часови (не е баш задолжително, може и преку ден). Семето добро се чисти и мие, се сместува во тегла, а теглата се полни со вода и се остава да преку ноќ, за време од 12 часа.

Следното утро, теглата се покрива со газа, се зацврстува со ластиче и низ неа се цеди водата. Во теглата не смее да остане вода. Велат дека семето не сака вода, но затоа сака влага. Теглата се остава по можност на темно место накосена на едната страна (за да може вишокот вода да се слее). Значи, пожелно е да ја поставите малку накосена, свртена со отворот надолу и врз некоја подлабока чинија или сад, и тоа на некое темно место или барем место каде што не допираат директно сончевите зраци. Вака подготвената тегла се остава да мирува.

Многу е важно да се запомни дека семето во теглата треба 2 до 3 пати на ден се промие со вода.

Во зависност од видот на семето што се ‘рти, по 2-3 дена веќе почнуваат да се појавуваат првите никулци. Откако никулците ќе израснат од 1 до 3 см, понатаму можат да се чуваат во ладилник неколку дена, најмногу една седмица, но и тогаш треба да се промиваат, барем еднаш на ден. Во ладилникот тие ќе продолжат да растат.

Плакнењето на почетокот на семето, а покасно на никулците не смее да престане ниту еден ден. Во спротивно, семето или ркулците може да мувлосаат. Ако тоа се случи, не размислувајте, и веднаш исфрлете ги.

Јачменовите никулци можете да ги измешате со кисело млеко или павлака, да ги зачините со малку лук, ореви, масиново масло и сол.

Текстот го испратил: Влатко Миленковски

Сподели: