Направете 5 уникатни свеќници од стари тегли

Дома сигурно имате еден куп празни тегли кои фаќаат прашина без никаква корисна намена. Еден дел од испразнетите тегли од мајонез, корнишони, печурки може да ги искоритите за зимница, а од оние што ќе ви останат неискористени може да направите свеќници со уникатен изглед, кои ќе бидат совршен детал за вашиот дом или тераса.

Погледнете го видеото со неколкуте креативни идеи за декорација на старите тегли и изберете го вашиот омилен свеќник. Дел од изработените свеќници од тегли може да ги користите како вазни за цвеќе. А за овој период идеално би било домот да го декорирате со свеќник во морски стил.

Потребни ви се:

  • стари тегли
  • лепило
  • четка за лепило
  • ножици
  • стар материјал во различни бои
  • транспарентна хартија
  • песок или сол
  • школки
  • мали свеќи
  • декоративни камчиња
  • силиконски пиштол
  • самолеплива хартија
  • темпери

Декорација на свеќник со материјал

Од материјалот исечете ленти. Врз чиста тегла на мал дел со помош на четка нанесете од лепилото. Врз него ставете од исечените ленти. Постапката повторете ја додека се покрие целата тегла. На крај, на горниот дел од теглата заврзете декоративна панделка. Освен како свеќник, вака припремата тегла може да ја користите и како вазна за цвеќе.

Декорација на свеќник во морски стил

Во чиста тегла ставете морски песок, а доколку немате песок како замена може да искористите сол. Во средината на теглата ставете мала свеќа, а од околу наредете морски школки.

Декорација на свеќник со транспарентна хартија

Од хартијата исечете кругови или форми по ваш избор. Врз теглата нанесете лепило и залепете ги круговите од хартија. Оставете лепилото да се исуши и потоа користете ја теглата како свеќник.

Декорација на свеќник со украсни камчиња

Врз чиста тегла нанесете малку силикон и залепете ги камчињата. Доколку немате силикон, во замена може да користите лепило. Исто така може да ставите вода во теглата и да ги додадете камчињата. На крај ставете пловечка свеќа.

Декорација на свеќник со срце

Земете самолеплива хартија и исечете форма во вид на срце. Хартијата залепете ја теглата и со помош на четка нанесете темпера. Оставете температа да се исуши, а потоа отстранете ја фолија. На крај, запалете свеќичка, направете си коктел и кулирајте во пријатна романтична атмосфера.
Убаво и едноставно, зарем не?

Сподели: