Неодоливата за лик и за вкус, а полна и со позитивни емоции! Прекрасната овошна торта со малини и чоколаден крем ни ги освои очите и срцата, а со радост ја споделуваме со сите вас.
Ги обожаваме нештата кои се приготвени со љубов, а оваа торта е баш таква, колоритна и полна со убави емоции! Невена ја подготви со голема љубов по повод матурата на ќерка и, а ние слободно можеме да ја наречеме матурска торта. Ни кажа и нешто повеќе за тоа: „Голема желба на ќерка ми за нејзината матура беше тортата да биде без ореви, лешници или било кое јаткасто овошје. Се одлучив за спој на малини и чоколадо и навистина вкусна испадна, а и лична на изглед.Таа си беше презадоволна, а и ние останатите.“ Ние воопшто не се сомневаме дека тоа е така, па едвај чекаме убава прилика или свеченост за да ја направиме и пробаме!
Може да ве интересира: Тропска овошна торта.

Состојки:
За пандишпан:
- 5 јајца
- 150 гр шеќер
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 5 лажици жешка вода
- 100 гр путер
- 100 гр нишесте
- 120 гр брашно
- 1 ќесичка прашок за пециво.
За фил од малини:
- 500 гр малини замрзнати
- 220 гр шеќер
- 250 мл вода
- 80 гр нишесте или 2 пудинзи од ванила
- 1-2 лажици екстракт од ванила.
За фил од чоколадо:
- 1 пудинг од чоколадо
- 250 мл млеко
- 200 гр шеќер
- 100 гр чоколадо за готвење
- 3 јајца + 3 лажици шеќер
- 200 гр путер.
За натопување на пандишпанот:
- по потреба сок од шумско овошје.
Подготовка:
- Започнете со подготовка на пандишпанот. Путерот стопете го и оставете го да се излади.
- Брашното, нишестето и прашокот за печиво измешајте ги.
- Одделете ги белките и жолчките, па изматете ги белките со прстофат сол во цврст снег. Жолчките изматете ги со водата и со постепено додавање на шеќерот и ванилата.
- Потоа додајте го путерот и повторно изматете.
- На крај додајте ги белките и мешајте со лажица, па додајте ги и претходно измешаното брашно со нишестето и печивото.
- Смесата турете ја во тава бр.26 намачкана со масло и посипана со брашно. Печете во загреана рерна на 180 степени околу 30 минути. Печениот пандишпан оставете го да се лади.
- Продолжете со подготовка на филот од малини. Малините одмрзнете ги целосно и изблендирајте ги со блендер за да се добие кашеста смеса. Потоа, низ сито со лажица гмечете ги додека се одвои целото пире од семките. Во добиеното пире додајте го шеќерот и дел од водата и ставете ги да зовријат. Во останатата вода растворете го нишестето и додајте го во малините. Мешајте постојано додека се направи густ пудинг. Тргнете го на страна, додајте го екстрактот од ванила и измешајте и покриен оставете го да излади.
- Потоа подгответе го филот од чоколадо. Пудингот сварете го со млекото и шеќерот и покриен оставете го да се лади.
- Јајцата изматете ги со трите лажици шеќер и варете ги на пареа со постојано мешање околу 10 минути, додека се згуснат и потоа додајте го чоколадото искршено на коцки. Мешајте додека се стопи и оставете да излади.
- Изладениот пудинг изматете го со путерот, па додајте ја ладната смеса од јајца. Изматете се заедно за убаво да се изедначи кремот. Доколку кремот е премногу мек, пред филовање на тортата оставете го во фрижидер да се стегне.
- Откако сте припремиле се, следи филовање на тортата. Пандишпанот исечете го на половина (можете со нож или со конец). Едната половина ставете ја на подлога за торта и со помош на четче натопете ја со сокот. Ставете половина од филот со малини и израмнете го. Над него ставете го целиот чоколаден крем и израмнете го. Другата половина од пандишпанот натопете ја со сокот и намачкајте го со останатиот фил од малини. Ставете го со намачканиот фил надолу така што над чоколадниот фил ќе дојде филот со малини.
- Целата торта премачкајте ја со слатка павлака и украсете ја по желба. Уживајте и на здравје!
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.
Ви препорачуваме да прочитате: Овошна торта со јагоди.