Нема кој не слушнал за омбре ефектот нели? – Овој тренд се појави во изминатите години и се применува за боење на храна како што се јајцата во овој случај, а уште повеќе за боење на коса, шминка, за облека, во разни дизајни на садови и мебел, за прибор, чаши и што уште не. А бидејќи сега наближува Велигден, ние техниката на нијансирање ви предлагаме да ја пробате за декорирање на празничните јајца. Уживајте во едноставноста на нијансирањето и во прекрасните омбре велигденски јајца кои ќе ги направите.
Овој домашен направи сам проект може да ги вклучи и децата, ќе ве разоноди и расположи. Резултатот ќе биде ведри јајца кои ќе го красат вашиот дом и ќе предизвикаат насмевка на вашите лица. Освен тоа, комбинирањето на нијансите е секогаш добра идеја, па, не двоумете се лесно е.

Како да направите омбре велигденски јајца?
Потребно:
- јајца по потреба
- 1 или повеќе прехранбени бои по желба
- вода
- сад/садови.
Начин на подготовка:
- Јајцата прво сварете ги, а потоа оставете ги да се изладат и добро да се исушат.
- Во сад турете вода во висина до 2 см и додадете боја по желба.
- Постапката на боење правете ја дел по дел со секое јајце. Прво земете едно јајце во раката и натопете го во бојата само долниот дел. При тоа, за подобар интензитет на бојата држете го најмалку 1 минута или подолго зависно од интензитетот на боење.
- Потоа, во садот додадете уште малку вода и натопете го јајцето до половина и така држете го околу 30 секунди со што ќе имате посветла нијанса од бојата.
- На крајот, во садот додајте вода која може да го покрие целото јајце и потопете го кратко околу 10-15 секунди колку да ја добие својата трета и најсветла нијанса. По желба направете повеќе од 3 нијанси од една боја или обојте ги јајцата во различни бои.
- На крајот, оставете ги да се исушат и уживајте во омбре обоениот Велигден!
За многу години нека ни се празниците!
Ви препорачуваме да прочитате: На природен начин обојте жолти Велигденски јајца со куркума.