копани со ориз 1

Печени крцкави копани со ориз

Уште еден вкусен рецепт од нашите пријатели на Инстаграм. На профилите на македонските фуд блогери може да се најдат најразлични креативни солени и благи јадења. Овој пат, наидовме на поразличен од класичниот рецепт за копани со ориз.

„Ме фати носталгија за мојот Прилеп, па морав да направам нешто што ќе ме врати назад низ спомените. Мајка ми често правеше копани со ориз, па затоа решив и јас да ги направам, но малку на поинаков начин. Уживајте во несекојдневните вкусови, гответе со љубов и останете насмеани.“ – вели Дејан.

копани со ориз 2

Состојки:

  • 2 копани со средна големина
  • 10 г сенф
  • зачин за скара
  • 1 јајце
  • 2 лажици млеко
  • 30 г брашно
  • 50 г пикантен чипс
  • 2 лажици маслиново масло
  • сол и црн пипер по вкус.

За сос:

  • 150 г тиква
  • 20 г горгонзола
  • 10 г путер
  • 2 лажици неутрална павлака
  • 1 лажичка масло
  • кора од портокал.

За ориз:

  • 150 г ориз
  • ½ главица кромид
  • 20 г путер
  • 40 г спанаќ
  • 350 мл зеленчуков бујон
  • 2 лажици масло
  • 1 лажичка мексикано сос.

Подготовка:

  1. Во длабок сад ставете ги копаните и додајте маслиново масло, сенф, зачин за скара, сол и црн пипер. Садот покријте го со капак или најлонска фолија и ставете го во фрижидер преку ноќ.
  2. Во претходно загреана рерна на 200 степени ставете ја тиквата намачкана со масло. Печете 30-40 минути.
  3. Копаните исчистете ги и похувајте ги. Во длабок сад изматете го јајцето и додајте млеко. Кратко измешајте. Во други чинии ставете ги брашното и мелениот/толчен чипс. Копаните ставете ги во садот со јајцето, потоа во брашното и на крај во чипсот. Вака приготвени, оставете ги да отстојат 10 минути во фрижидер.
  4. Откако сте ја испекле тиквата, во рерната ставете ги копанчињата да се печат 25 минути на 200 степени. Потоа зголемете ја рерната на 240-250 степени и печете уште 15 минути.
  5. Во тенџере со загреано масло пржете го кромидот додека омекне. Потоа додајте ги спанаќот, оризот и кратко пропржете. На крај додајте го бујонот. Варете околу 20 минути или додека се свари оризот. Во варениот ориз додајте путер, мексикано сос, сол и црн пипер.
  6. Направете го сосот. Отстранете ја кората од тиквата. Ставете ја во блендер, додајте путер, неутрална павлака, горгонзола и кора од портокал. Блендирајте додека добиете хомогена смеса.
  7. Во поголем плиток сад ставете го оризот. Над оризот ставете го копанот, а над копанот – сосот. На здравје!

Автор на рецептот: Дејан Главчев, @glavcevdejan.

Ви препорачуваме да прочитате: Крцкави зачинети печурки.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: