Ова се нашите омилени грицки. Домашни, крцкави, здрави со пикантен вкус и приготвени со интегрално брашно! Штом ни се најават гости или пак имаме семејна прослава за време на пости, овие интегрални грицки со ленено семе се неизоставен дел од секоја трпеза.
Од наведените состојки ќе добие поголема количина на грицки, кои може да ги замрзнете и да ги користите по потреба. Без разлика дали ќе гледате добар филм или ќе одите на прошетка во природа, не заборавајте да ги направите и да ги понесете со вас. Ние ќе ви дадеме идеја, а вие по желба можете да додавате или заменувате состојки, соодветно на вашиот вкус и креативноста во кујната.

Состојки:
- 30 мл ладно цедено сончогледово масло од Фила (може да го купите тука или во поголемите маркети)
- 70 мл масло
- 100 мл пиво
- 100 гр сусам
- 100 гр ленено семе од Фила (може да го купите тука или во поголемите маркети)
- ½ мала лажичка сол
- 1 лажица црвена лута пипер
- ½ мала лажичка чили во прав
- 1 кесичка прашок за печиво
- интегрално брашно по потреба (околу 1 чаша).
Подготовка:
- Во сад за месење ставете го пивото, ладно цеденото масло, маслото, сусамот, лененото семе, солта, црвената пипер и чилито. Измешајте со лажица.
- Брашното и прашокот за печиво ставете ги во чинија. Измешајте ги со лажица.
- Во садот за месење постепено додавајте го брашното. Замесете меко тесто. Тестото убаво се меси за добро да се соединат состојките. Од тестото формирајте топка.
- Врз набрашнета работна маса ставете го тестото. Потоа, со помош на сукало исучете правоаголна кора со дебелина околу 5 до 7 мм.
- Со помош на алатка за сечење на пица или нож од кората сечете правоаголници со ширина од 1 см и должина 3 до 4 см.
- Вака формираните грицки редете ги во тава обложена со хартија за печење.
- Тавата ставете ја да се пече во загреана рерна на 180 до 20 степени за време од 15 минути. Потоа, рерната исклучете ја и оставете ги грицките да се исушат уште 20-тина минути за да станат покрцкави. Тавата извадете ја од рерната и послужете ги готовите интегрални грицки. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Солени стапчиња со сусам и ким (хроно).